Вести Економија Македонија

Јакимовски: На пазарот на недвижности му е потребна стабилизација и долгорочна стратегија, а не нов раст на цените

Пазарот на недвижности во земјава со години се соочува со последици од повеќе кризи и ограничена понуда, оцени сопственикот на „Голден Арт“, Ивица Јакимовски, во гостување во „Топ Тема“. Според него, сегашната состојба на пазарот е резултат на повеќе фактори кои се надоврзувале во изминатите години, почнувајќи од урбанистичките ограничувања, па сѐ до глобалните економски кризи.

„Факт е дека на пазарот има одредена злоупотреба, меѓутоа ако хронолошки се вратиме назад, тоа е резултат на дејствијата што ги направивме во минатото. Со отпочнувањето на мораториуми и водење детални планови се ограничи понудата на самата недвижност. На тоа се надоврза Ковид кризата во 2020 година, енергетската и економската криза во 2022 година, а дополнително се појави уште една криза која сега трае и се преслика врз градежните материјали, што е неповолно и за градежниот сектор и за самата економија“, изјави Јакимовски.

Тој смета дека на пазарот му е потребна стабилност и предвидливост, наместо очекувања за брза заработка преку постојан раст на цените.

„Во однос на тоа во која насока би се движеле цените, желбата е да има подолг континуитет на стабилизација, затоа што неизвесноста создава сериозен притисок и врз компаниите и врз купувачите. Трендот на размислување дека цените постојано ќе растат и дека сега е време нешто да се заработи е погрешен. Потребни се многу подетални и посигурни анализи, но за тоа да функционира треба да се направи долгорочна стратегија која ќе овозможи поголема сигурност при планирањето, инвестирањето и изградбата“, додаде Јакимовски. 

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Брисел алармира за притисоци врз судството – власта со нови критики, опозицијата обвинува за заробени институции

Дејан Дејан

За 24 часа – 260 нови пациенти побарале помош во гостиварската болница

Igor Trajkov

Ослободителната пресуда за Талир 2 се пишува, од Кривичен велат ќе биде доставена во најкус можен рок

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе