Лекари, пациенти, граѓански активисти, од Струмица порачаа дека се надминува бариерата на непознавање и неприфаќање на органодарителството во Македонија. Се повеќе граѓани се заинтересирани да дознаат што подразбира дарувањето органи. Во кампањата значајна улога имаат и лицата кои веќе добиле орган, тие учествуваат на трибините низ државата и ги споделуваат своите искуства, на тој начин сведочејќи од прва рака за темелната промена на нивниот живот, квалитетот на живеење и зцелокупното здравје.
„На секоја трибина имаме приматели на орган и донатори на орган, посебно на црн дроб од жив дарител или сроден донор мајка на син за бубрег. Според информациите што ги изнесоа од раководството имале шест негативни одговори, а кога ја имавме трибината во Кавадараци пред помалку од месец го добиле и првото „да“, вели Ирена Ралева Најдеска.
Позитивен е трендот и во клиниките каде полека се зголемува бројот на семејства кои се одлучуваат да ги подарат органите од своите блиски починати. Токму затоа и промената на одделни одредби во законот треба уште повеќе да направи отворање кон органодарителството.
„ Од пред една деценија до сега општеството е многу сменето. Неминовнсо е да се менува системот на информации, методите на едукација, на кампања а со тоа и свеста и едукацијата. Јас би рекла полека зашто се уште имаме одбивање за донаторство, но имаме и доста прифаќања. Јас би се заблагодарила на сите кои донирале органи на своите блиски за да спасат животи, искрена благодарност зашто спасиле животи, направиле големо благородно дело“, рече д-р Билјана Кузмановска- анестезиолог и национален координатор за трансплантација.
Листата на чекање на органи во земјава се менува, но бројот на пациенти е речиси секогаш околу двесте од кои дури две третини чекаат бубрег, а не е мал бројот и на лица за трансплантација на срце.
Сузана Мицева
