Вести Свет

Израел ќе прави обрач со канали за крокодили околу затворско крило со припадници на Хамас долги 170 метри

Израел започна со копање ровови наменети за крокодили околу високобезбедносно крило на затворот Кециот во јужниот дел на земјата, каде што се притворени припадници на Хамас, објави денеска израелскиот весник „Једиот Ахронот“.

Според весникот, рововите се копаат околу затворот Кециот и ќе бидат долги околу 170 метри.

Претставник на Регионалниот совет Рамат Негев, на чија територија се наоѓа затворот, изјавил дека рововите се копаат во рамките на затворскиот комплекс, околу едно од специјалните крила, и не се видливи однадвор.

„Никој не знае дали таму навистина ќе има крокодили, но подготовките се во тек“, изјавил неименуван претставник.

Израелското Министерство за национална безбедност, исто така, потврди дека започнале работите на каналите наменети за крокодили, наведува весникот.

Проектот следува откако министерката за заштита на животната средина Идит Силман минатата недела одлучи нилскиот крокодил да биде прекласифициран како „припитомено диво животно“, и покрај противењето на стручните служби во нејзиното министерство.

Кабинетот на крајнодесничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир соопшти дека одлуката на Силман „го отворила патот за проектот“ и дека „пилот-фазата на затворот со крокодили официјално започнала“ во едно од крилата на затворот Кециот.

„Секој што мислеше дека ова е само трик, се излажал“, се наведува во соопштението на кабинетот на Бен-Гвир.

Според „Једиот Ахронот“, Израелската затворска служба изготвила план за згрижување, надзор и сместување на крокодилите, а затворските службеници поминале специјална обука за постапување со нив. За проектот се издвоени 21 милион шекели (околу 6,3 милиони американски долари).

Израел од 8 октомври 2023 година уапси стотици Палестинци, тврдејќи дека припаѓаат на единицата Нухба, дел од военото крило на Хамас, и планира да им суди пред специјални судови.

Бен-Гвир и претходно објавуваше видеоснимки од специјалното крило во Кециот за да ги прикаже строгите услови на притвор, меѓу кои забрана затворениците да го напуштаат крилото, лишување од ќебиња и храна и нивно принудување да спијат на метални плочи.

Израелската управа за природа и национални паркови во вторникот одржала итен состанок за можната употреба на крокодили во затворите, при што сите учесници се изјасниле против предлогот.

Весникот наведува дека одлуката на Силман е спротивна на мислењето на правниот советник на Министерството за заштита на животната средина и на стручниот став на Управата за природа и паркови.

Кециот, сместен во пустината Негев, е најголемиот затвор во Израел и има посебни одделенија за палестински затвореници означени како „безбедносни“. Долги години се користи за притворање лица од Појасот Газа и од Западниот Брег.

Според палестинските организации за затвореници, бројот на Палестинци во израелските затвори од почетокот на израелската воена офанзива во Газа во октомври 2023 година е зголемен за 83 проценти, односно од околу 5.250 на повеќе од 9.600 лица.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Две лица загинаа во невремето во Албанија

Sasko Dimovski

Масовна тепачка на патници во авион за Ливерпул – капетанот бил принуден да се врати на Тенерифе

Sasko Dimovski

Хиперхлорирање на системот и тројно тестирање на водата во Гостивар, наложи Управувачкиот комитет

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе