Десетина патници учествувале во тепачка во авион на „Изиџет“, кој синоќа полетал од Тенерифе кон Ливерпул, поради што пилотот бил принуден да се врати на шпанскиот остров од каде што полетал.
Капетанот ја донел одлуката по 30 минути од полетувањето „поради опасноста што претставувала тепачката по безбедноста на летот“, пренесува „Скај њуз“.
Компанијата „Изиџет“ се огласи со соопштение за инцидентот во кое наведе дека „авионот се вратил на Тенерифе поради непримерно однесување на група патници“.
„Ваквите инциденти ги сфаќаме многу сериозно и не толерираме непримерно однесување кон нашиот персонал. Нашите вработени во авионите и на земја се обучени да проценат секакви ситуации и да реагираат брзо и адекватно за да се осигура безбедноста на летот и на другите патници да не биде загрозена во ниту еден момент“, се наведува во соопштението на компанијата.
По слетувањето на Тенерифе, интервенцијата на полицијата и приведување на проблематичните патници, авионот со 186 патници го продолжил летот кон Ливерпул.
