Бугарскиот парламент одобри стационирање на американски авиони за дополнување на гориво во воздух на своја територија. Барањето на Вашингтон е усвоено со 136 гласа „за“, 13 „против“ и два „воздржани“ и доаѓа во момент на растечки тензии на Блискиот Исток и заканите на САД за нова ескалација на воените удари врз Иран.
Со одлуката, Бугарија ќе одобри стационирање до осум авиони танкери и до 250 американски војници чија задача ќе биде поддршка на логистичките операции. Авионите ќе бидат сместени во воздухопловната база Безмер на југоистокот на Бугарија за период од 24 јули до 1 октомври.
Потегот на властите во Софија е во ист период во кој Израел се обидува да ослободи капацитети на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, каде со месеци беа стационирани американски авиотанкери.
Веста за можно преместување на американски сили во Бугарија предизвика брза и остра реакција од Техеран. Иранските власти предупредија дека секое помагање на американските воени операции ќе ја направат Бугарија соучесник на агресорот.
На тоа дојде одговор од премиерот Румен Радев кој ги отфрли обвинувањата и нагласи дека територијата на неговата земја нема да се користи за директни напади.
„Овие авиони за дополнување на гориво ќе се користат исклучително за логистички мисии и дополнување на гориво во лет надвор од бугарскиот воздушен простор. Бугарија нема да биде користена како база за напади врз Иран“, изјави Радев.
