Таргетирани и привремени мерки, но и енергетска диверзификација се клучните канали преку кои државата треба да делува за да ја држи инфлацијата под контрола и да ја направи македонската економија поотпорна на слични идни шокови, велат економистите.
Во март инфлацијата се искачи на 4,9 проценти и одново го активираше модулот на претпазливост и континуирано детално следење на состојбите за евентуални интервенции со мерки.
Според професорот Филиповски, првата одбранбена линија се мерките на фискалната политика.
Иако владата веќе интервенираше со намалување на акцизите и даночни олеснувања за цените на горивата, што се смета за прва група мерки, сепак потребна е и конкретна финансиска помош за најранливите граѓани и најпогодените компании.
Втора група на мерки е нешто што е директно поврзано со поддршка на ранливите домаќинства со пониски доходи. Тука е тоа како трансфери, како субвенции од државниот буџет или од програмите за социјална заштита. Така што, тоа е исто така една можна група на мерки. И исто така, не само домаќинствата, туку и фирмите во одредени сектори кои се најпогодени. Еве, на пример, често пати тие мерки се насочени преку субвенции или како даночни олеснувања се однесуваат на земјоделците и на транспортниот сектор. Зборувам за оваа денешна криза, вели Владимир Филиповски, универзитетски професор.
Тој потенцира дека дирекната државна помош е неопходна за домаќинствата со најниски приходи, кои се особено чувствителни на покачување на цените и токму затоа мерките мора да се строго таргетирани.
Од друга страна, се поставува прашањето колкав е капацитетот на буџетот на државата за интервенција со мерки, дали би било оправдано евентуално зголемување на дефицитот и колку Народната банка може да делува за да ја одржи инфлацијата во подносливи граници.
И кај монетарната политика просторот за интервенција е прилично ограничен. Зошто? Заради тоа што овој шок, којшто практично произлегува од геополитички, геостратешки турбуленции на светските пазари, сепак тој произлегува од нешто што се вика агрегатна понуда. Значи, тоа е шок на страната на агрегатната понуда. И кога имате пораст на цените поради трошковни притисоци, а од друга страна стапките на раст се намалуваат или одат кон нула, тогаш имате типична ситуација на стагфлација. Во стагфлација централните банки тешко можат да интервенираат на суштествен начин и да ја сменат работата затоа што од една страна е дилемата дали да одат со покачување на каматни стапки како антиинфлациона мерка, а од друга страна, пак, дали порастот на каматните стпки ќе го загуши економскиот раст. И затоа, ова е многу неповолна ситуација за било која централна банка кога имаме вакви стагфлациски тенденции да кажам, вели Владимир Филиповски, универзитетски професор.
За сега веќе видливиот раст на цени алармираше и Сојузот на синдикати на Македонија, од каде посочуваат дека од почетокот на годинава синдикалната кошница е зголемена за 3.300 денари, при што ценовниот раст особено се забележува кај храната и пијалоците, односно кај основните производи, кои се неопходни за живот.
Од Владата сметаат дека со веќе преземените мерки се спречило поголемо поскапување, а според најавите, за дополнителни мерки веројатно ќе се чекаат новите податоци за инфлацијата во април, кои Државниот завод за статистика ќе ги објави на 7 мај.
Мирјана Јовеска
