Универзитетскиот професор Ванчо Узунов упати сериозно предупредување за економската состојба во земјата, нагласувајќи дека инфлацијата веќе не е само теоретска опасност, туку реалност која може да ги надмине сите претходни проекции. Според него, досегашните пресметки на меѓународните институции како ММФ и Светска банка веќе не се релевантни бидејќи влезните параметри драстично се променети.
- „Цената на нафтените деривати за само три и пол месеци порасна за 45%, што им дава ‘алиби’ на производителите и трговците да продолжат со поскапувањата“, предупредува професорот Ванчо Узунов во Топ Тема на Телма.
Како клучен фактор за актуелната криза, Узунов го посочува енормниот раст на цените на енергенсите.
„Она што многу ме загрижува е цената на нафтените деривати, која од почетокот на годината до денес, за само три и пол месеци, е зголемена за 45%. Трговците и производителите сега имаат реално алиби за покачување на цените, бидејќи дериватите се влезен трошок во секој вид производство, трговија или услуга“, истакна професорот.
Тој предупредува дека доколку не се сопре оваа „инфлаторна спирала“ – каде покачувањето на една цена веднаш повлекува низа други поскапувања – запирањето на процесот подоцна ќе биде многу потешко.
Професорот Узунов смета дека Владата мора веднаш да признае дека инфлацијата ќе биде многу повисока од првично предвидената и да преземе конкретни чекори. Неговиот главен апел е насочен кон заштита на најранливите категории граѓани.
„Најголемиот товар на секоја криза и инфлација паѓа на грбот на најсиромашните слоеви. Тоа за една држава во 21-виот век е недозволиво. Владата мора уште сега да смисли како ќе го заштити нивниот животен стандард“, вели Узунов.
Сепак, тој изразува скептицизам во однос на капацитетот на државната каса за справување со овие предизвици. Иако Владата треба да дејствува проактивно, професорот изрази загриженост дека постои многу мал „фискален простор“ за маневрирање, што дополнително ја усложнува економската слика во земјата.
Б.С.
