ТФТ Скопје се пласираше во историско финале во АБА 2-лигата, откако со максимални две победи го елиминираше тимот на Сутјеска и ќе игра за пласман во елитната регионална лига. Тимот од скопската населба Тафталиџе е вториот македонски претставник што ќе настапи во финале на ова натпреварување, по МЗТ Скопје, кој двапати заврши како второпласиран.
ТФТ вечерва во салата „Лазар Лечиќ“ во Градскиот парк во Скопје ја совлада Сутјеска со 90-77 и со вкупни 2-0 во серијата се пласираше во финалето на плеј-офот. На првиот натпревар во Никшиќ минатата недела, избраниците на Боро Смилковски славеа со 93-88.
Уште по првите 10 минути беше јасно дека скопскиот состав излезе на паркетот да триумфира, откако поведе со 29-14. ТФТ продолжи да ја зголемува предноста, која во во вториот период достигна и максимални 24 поени. Домашниот тим во ниту еден момент не му дозволи на противникот од Црна Гора да се понадева на пресврт и сигурно ја одржуваше разликата за конечни 90-77.
Стенли Дејвис Јуниор со 23 поени беше најефикасен кај ТФТ, додека македонскиот репрезентативец Виктор Ташовски постигна 19 поени. Кај Сутјеска, Кристофер Мартин реализираше 22 поени.
Во финалната серија, ТФТ ќе се соочи со тимот на Широки, кој со 2-0 го елиминираше Хелиос Домжале. Првиот натпревар се игра на 29 април, кога домаќин ќе биде Широки, кој ќе ја има предноста на домашен терен како првопласиран по регуларниот дел од сезоната. Вториот натпревар е закажан за 6 мај во Скопје.
Фото: ТФТ Скопје/Петр Стојановски
