Вести Македонија

Обвинение за Србин, двајца вработени во УЈП и седум бизнисмени – со лажни даночни пријави го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра

Еден српски државјанин, двајца вработени во регионалната дирекција на УЈП Скопје и уште седуммина сопственици, директори и вработени во фирми од Скопје и Гевгелија заработија обвинение за финансиски криминал тежок 6,5 милиони евра. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека Србинот кој бил сопственик и управител на две фирми, и двајцата службеници од УЈП биле организатори на групата, на која подоцна се приклучиле другите бизнисмени.

Тие се организирале за, со прикажување невистинити податоци, да затајуваат данок и неосновано да бараат поврат на ДДВ. Според обвинителството, вака затаените пари потоа ги пуштиле во оптек, односно ги испрале.

Сите десет лица се обвинети за сторено кривично дело Злосторничко здружување, а на тројцата организатори им се става на товар и дека сториле продолжено кривично дело Даночно затајување и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.

Групата била создадена  во текот на 2023 година, а потоа им се  приклучиле и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.

Првообвинетиот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање данок во годишните даночни биланси доставени до Управата за јавни приходи, дал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица, со што избегнал да плати данок од значителна вредност во вкупен износ од 16 782 519 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица  го довеле во заблуда даночниот орган давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави, за враќање на данокот на додадена вредност со што го оштетиле буџетот во износ од 33 620 551 денари.

Дополнително, во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек вкупно 401 227 898 денари.

Обвинителството, бара на седуммината обвинети да им се продолжи притворот, а достави и  предлог за конфискување на движен и недвижен имот од осомничените во висина на предизвиканата штета на буџетот.

Акција за даночно затајување од големи размери на повеќе локации во Македонија, соопшти обвинителството

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Шестотини тони мазут позајмени пред осум години на Армијата од задолжителните резерви, сè уште не се вратени – извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Одреден 30-дневен притвор за тројцата осомничени за загадената вода во Гостивар – мерката ќе ја издржуваат во затворот во Шутка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе