Aмериканскиот претседател, Доналд Трамп, ја разреши Пем Бонди од функцијата јавен обвинител на Соединетите американски држави.
Таа засега ќе биде заменета од заменик-јавниот обвинител, Тод Бланш, кој ќе ја извршува должноста како вршител на функцијата, соопшти Трамп.
Претседателот напиша на Truth Social дека Бонди ќе „премине на многу потребна и важна нова работа во приватниот сектор“, пофалувајќи ја за нејзината работа во неговата администрација, без да наведе конкретна причина за нејзиното заминување.
„Пем Бонди е голем американски патриот и лојален пријател, кој верно служеше како мој јавен обвинител во изминатата година. Пем заврши извонредна работа надгледувајќи масовна акција против криминалот низ нашата земја, при што убиствата паднаа на најниско ниво од 1900 година,“ напиша Трамп.
Според информациите на американските медиуми, Трамп бил фрустриран од Бонди заради повеќе причини, вклучително и нејзиното справување со случајот на Џефри Епстин, иако во овој скандал таа најревносно и лојално го поддржуваше шефот на американската држава, како и фактот дека не спровела истрага или прогонувала негови политички противници.
Таа е втор член на кабинетот кој е сменет во последниве недели; минатиот месец Трамп ја отстрани Кристи Ноем од функцијата секретар на Министерството за внатрешна безбедност.
