Управата за јавни приходи појаснува дека доходот што македонските студенти го остваруваат преку сезонска или привремена работа во Германија претставува оданочлив личен доход во Република Северна Македонија. Приходите мора да се пријават преку системот е-ПДД, при што данокот платен во Германија може да се признае како даночен кредит согласно Договорот за избегнување на двојно оданочување меѓу двете држави.
На прашања од Телма, Управата за јавни приходи одговори дека согласно одредбите од член 3 од Законот за данокот на личен доход – ЗДЛД (“Сл. весник на РМ” бр.241/18 и “Сл. весник на РСМ” 275/19… 274/22), како личен доход кој подлежи на оданочување се подразбираат следните видови доход остварени во земјата и во странство: 1) доход од работа; 2) доход од самостојна дејност; 3) доход од авторски и сродни права; 4) доход од продажба на сопствени земјоделски производи; 5) доход од права од индустриска сопственост; 6) доход од закуп и подзакуп; 7) доход од капитал; 8) капитални добивки; 9) добивки од игри на среќа; 10) доход од осигурување и 11) друг доход. Притоа на оданочување подлежи доходот што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.
Соодветно, доходот кој студентите-македонски даночни резиденти, го имаат остварено од времена/сезонска работа во Германија (плата остварена од странство), претставува доход кој подлежи на оданочување во Македонија.
На оданочување подлежи вкупниот доход, односно бруто платата остварена со работа во Германија што претставува остварената нето плата и данокот кој првично бил платен во Германија (задржан од страна на исплатувачот), а потоа вратен на студентот од страна на даночната администрација на Германија.
Владата на Република Македонија има склучено Договор со Владата на Сојузна Република Германија за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот од доход и данокот на капитал, објавена во “Сл.весник на РМ” број 86/06 со примена од 01.01.2011 година, во кој во чл. 15 е регулирано оданочувањето на доходот од работен однос (плати, надници и други слични примања) остварен од страна на резиденти на едната држава договорничка со работа на територијата на другата држава договорничка.
Согласно член 15 став 1 од договорот, платите, надниците и другите слични примања кои произлегуваат од работен однос остварени од резидент на државата договорничка (во случајот на студентите – Македонија), ќе се оданочуваат само во таа држава (во Македонија), освен во случаи кога вработувањето се извршува во другата држава договорничка. Ако вработувањето е извршено така, таквите примања кои се остваруваат таму, ќе се оданочуваат во таа друга државa.
По исклучок од одредбите на став 1, примањата кои резидентот на едната држава договорничка (Македонија) ги остварува од работен однос во другата држава договорничка (Германија) ќе се оданочуваат само во првоспоменатата држава (во Македонија, земјата на резидетност) ако:
а) примателот престојува во другата држава договорничка во период или периоди кои вкупно не надминуваат 183 дена во период од дванаесет месеци, кој период започнува или завршува во односната фискална година
б) примањето е платено од страна, или во име на работодавачот кој не е резидент на другата држава
в) примањата не паѓаат на товар на постојаната деловна единица или постојана база која работодавачот ја има во другата држава.
„Имајќи во предвид дека работата која студентите ја извршувале во Германија е од времен/сезонски карактер, доколку студентите престојувале во Германија во период кој не надминува 183 дена во период од дванаесет месеци, кој период започнува или завршува во односната фискална година, доходот/платата кој студентите го имаат остварено од работа во Германија треба да го пријават во УЈП и да платат данок на личен доход. Токму гороенаведеното е причина, поради која даночната администрација на Германија врши враќање на данокот платен во Германија на студентите“, стои во одговорот на УЈП.
Дополнително, доколку, студентите работата во Германија ја извршувале во период подолг од 183 дена, тогаш платата која ја имаат остварено од работа во Германија е предмет на оданочување во Германија (и во таков случај не би имало поврат на данокот во Германија), но студентите како македонски даночни резиденти имаат обврска да го пријават доход/платата во УЈП преку поднесување на електронска пресметка, а платениот данок во Германија ќе им се признае како даночен кредит за што треба да достават соодветен доказ од странската даночна администрација.
За пријавување на доходот/платата остварена со работа во Германија, студентите треба да поднесат електронска пресметка (е-ппд) преку системот е-даночни услуги, за што треба да имаат регистрирано свој профил.
Пресметката се поднесува до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец согласно одредбите од член 88 став 1 точка 4 од ЗДЛД.
Во пресметката износот на платата од странство се искажува како Вид на доход Т1. Доход од работа и Подвид на доход Ѕ1.2. – Плати остварени во странство, при што како држава во која е резидент исплатувачот се избира СР Германија. Задолжително кон пресметката се приложува доказ за остварениот доход од странство, како на пример пресметка-исплатно ливче од работодавачот/исплатувачот на платата во Германија. Во случај кога данокот е платен во Германија (кога не е направен проврат на данокот платен во Германија), покрај пресметката од работодавачот, задолжително се доставува и доказ за платениот данок издаден од даночната администрација на Германија.
По приемот на пресметката службено лице од УЈП ја разгледува истата и по нејзино одобрување се доделува Фолио број и се издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус „Одобрена“ и налог за плаќање на данокот на личен доход (Образец ПП53). Пресметките во кои е евидентиран платен данок во странство, по разгледување на истите од страна на службено лица на УЈП, доколку постои основ за нивно прифаќање, ќе бидат прифатени/одобрени, при што ќе се генерира само рекапитулација со статус „Одобрена“, но нема да се креира налог за плаќање на данокот. Согласно член 93 од ЗДЛД, aконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец и за доходот остварен од странство.
Во одговорот се надополнува дека на интернет страната на УЈП постојано се објавуваат соопштенија со насоки за постапување во однос на оданочувањето на даходот од странство. На истата има објавено и одговори на најчесто поставуваните прашања поврзани со оваа проблематика.
Т.Д.
УЈП ќе ги даночи парите на студентите заработени преку „Work&Travel“
