Македонската фудбалска репрезентација одигра реми без голови на гостувањето кај Република Ирска, во дуел на двете селекции кои не успеаја да го минат полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2026.
Нашиот тим повторно прикажа бледо издание и втор натпревар по ред остана без вистинска шанса за гол, по убедливиот пораз од Данска (4-0) во баражот. Селекторот Гоце Седлоски им даде можност на неколку нови имиња во почетниот состав, а најдобар впечаток остави дефанзивецот на Шкендија, Имран Фетаи.
Македонија беше целосно ориентирана кон одбраната, а единствениот удар во рамки на голот го упати капитенот Енис Барди од слободен удар во 21. минута. Ирска беше поконкретна и поопасна на теренот на „Авива“ во Даблин, создаде повеќе шанси и еднаш ја погоди и стативата. Во текот на натпреварот Седлоски направи дури девет измени, давајќи им шанса на речиси сите играчи од клупата.
Очигледно е дека најголем проблем на македонската репрезентација останува играта во нападот и креирањето шанси. Загрижува фактот што македонската репрезентација веќе два натпревари по ред не успева сериозно да го загрози противничкиот гол, а серијата без победа продолжи на шест натпревари. Последната победа ја остваривме против Лихтенштајн во септември минатата година во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026.
Македонија нема да има официјални натпревари до септември, кога започнува новото издание од Лигата на нации, додека во јуни се очекуваат пријателски средби.
Фото: Фудбалска федерација на Македонија
