Вести Култура Македонија

Директорот на театарот во Гостивар вршел притисок вработените да ги повлечат тужбите за пониски плати – обвинува Синдикатот

В.д. директорот на театарот во Гостивар, Илир Османи, вршел притисоци врз вработените кои добија правосилни пресуди за пресметките на плати, да не поднесуваат тужби за разликата во платите, реагираат од Синдикатот за култура на Македонија. Според претседателката, вработените  во театарот им се жалеле дека Османи им наметнува чувство на вина за финансиските обврски на установата што произлегуваат од судските пресуди, им кажувал дека театарот ќе се затвори, а тие ќе останат без работа и дека нема да има пари за реализација на Програмата за работа, годинава.  Тоа е заплашување, смета претседателката на СКРМ.

„Еден вид на заплашување бидејќи сме свесни дека овие правосилни пресуди треба да бидат имплементирани. Што значи, дека треба да добијат разлика на плата за изминатава година што ја немаат добиено“, вели Вера Атанасовска – претседателка на СКРМ.

Атанасовска вели дека Синдикатот испратил до театарот во Гостивар и до Министерството за култура и туризам дописи за обезбедување финансиски средства за исплата на вработените, согласно пресудите. А, финансиските импликации за кои предупедувале цела година не смеат да паднат на грбот на вработените, категорична е таа.

„Тие само го имаат искористено своето законско и уставно право да си го бараат тоа што им е скратено во работниот однос“, рече Атанасовска.

В.д. директорот Османи демантира било какви притисоци.

„Јас сум само 5 дена на функцијата и не сум вршел никаков притисок врз ниеден од вработените. Само им кажав дека треба да видиме што ќе правиме со судските пресуди, а потоа и со Програмата за работа. Други информации немам“ вели директорот Османи.

Од Министерството за култура и туризам со одговор дека немаат сознанија за наводни притисоци или закани од страна на в.д. директорот на Гостиварски театар кон вработените. Приоритет на Министерството е обезбедување стабилно функционирање на културните установи и почитување на законските процедури. Буџетот на Министерството е објавен во „Службен весник“, па секој заинтересиран може да ја види неговата структура и намена, дополнуваат од ресорот.

Од СКРМ велат дека ако продолжат притисоците врз вработените, ќе покренат правен механизам за да ги заштитат.

Овој случај доаѓа откако министерот за култура и туризам го разреши во средината на месецов, без истечен мандат, директорот на Гостиварскиот театар, Сулејман Рушити, со образложение дека работел несовесно, зашто не ги обжалил пред Апелација осумте правосилни пресуди во корист на вработените, кои тужеа за пресметките за плати, кои што според СКРМ се незаконски.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Паднати дрвја од невремето во Дојран оштетија возила, натстрешници и кровови

Sonja Petrusevska

Левица: Додека од чешмите во Гостивар течел отров, институциите спиеле

Kristina Kuzmanovski

Возел со 4,35 промили алкохол во крвта, полицијата го фати во Кочани

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе