Инфлацијата во еврозоната се соочува со благ раст. Официјалните податоци покажуваат дека во февруари цените се зголемиле за 1,9 проценти на годишно ниво, а ако се земат предвид само храната, алкохолот, цигарите и тутунските производи, тогаш годишниот раст на цените изнесува 2,6 проценти. Но, како ќе се движи инфлацијата во наредниот период зависи од развојот на настаните на глобално ниво, или попрецизно на Блискиот Исток.
Конфликтот меѓу САД и Израел против Иран може да предизвика значителен скок на инфлацијата во еврозоната и забавен економски раст, предупреди главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн, во интервју за „Фајненшл тајмс“.
„Зголемувањето на цените на енергијата врши притисок врз инфлацијата, особено на краток рок, а таков конфликт би бил негативен за економската активност“, рече Лејн, додавајќи дека обемот на влијанието ќе зависи од ширината и времетраењето на конфликтот.
Сличен е ставот и на претставниците на македонската централна банка. Вицегувернерката Митреска рече дека ескалацијата на Блискиот Исток е уште еден во серијата шокови што ја погодуваат глобалната економија во последниот период, а тоа создава релативна непредвидливост. Но, според неа, глобалната економија засега покажува релативно силна отпорност заради добро осмислени политики, голема флексибилност и брза адаптација на приватниот сектор. Свој придонес има и брзиот развој на технологијата бидејќи ја зголемува продуктивноста.
„За жал, последните денови овој конфликт САД-Израел-Иран прерасна во поширок регионален конфликт и неговиот потенцијал за нарушување на глобалните економски текови главно е лоциран во можноста за нарушување на снабдувањето со нафта и гас и зголемување на цените.
Мислам дека на сите ни е јасно, кога сте мала и отворена економија, која што е увозно и енергетски зависна, вие не можете да останете изолирани од ваквите случувања.
Каналите преку коишто може да се пренесат овие глобални шокови врз нашата економија се веќе и познати и конвенционални. Првиот е директниот канал – ние сме увозници на нафта и на гас. Со тоа светскиот раст на овие цени веднаш се пренесува и врз домашните цени на енергенсите, а потоа и на останатите цени на останатите производи и услуги коишто се енергетско сензитивни. Со оглед на тоа што сме и увозници на нафта и на гас, се разбира дека растот на овие цени значи и поголеми обврски за увоз, што делува и на билансот на плаќање и на девизниот потенцијал во економијата и на девизните резерви. Вториот пункт на канали на пренос – тоа се индиректните ефекти што би можеле да ги почувствуваме преку економските изгледи на нашите клучни трговски партнери. За нас тоа е Европската Унија“, вели вицегувернерката Ана Митреска.
Вицегувернерката посочува дека централната банка во моментов има многу посилен капацитет и многу поголем простор за амортизација на евентуални шокови споредено со претходните кризи.
Најголема грижа за светската економија претставува блокирањето на Ормудскиот теснец, кој се наоѓа на излезот од Персискиот Залив. Извозот на нафта и течен природен гас од Блискиот Исток до глобалните пазари движи токму оттука, преку Арапското Море и Индискиот Океан.
Еве како анимиран тракер го прикажува бродскиот сообраќај во Ормудскиот теснец во текот на минатиот викенд – пред и по стартот на воените дејствија. Транспортот во петокот вечер се одвива со редовно темпо, пред движењето да се забави во саботата и речиси да запре до понеделникот.
Низ ова поврзување меѓу Иран и Оман поминува приближно една петтина од нафтата што секојдневно се тргува на светско ниво, или 21 милион барели дневно. Вишиот аналитичар за поморско разузнавање, Мишел Бокман, за „Ал Џезира“ изјави дека сообраќајот во теснецот е намален за најмалку 80 проценти.
Танкерите што превезуваат сурова нафта од големите производители, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, транзитираат низ овој воден пат пред да се упатат кон Европа, Азија и пошироко.
Што се однесува до ЕУ, околу 15 проценти од нејзината побарувачка за нафта поминува низ Ормудскиот теснец. Оттука, дури и само закана за прекин на транспортот може да ги потресе пазарите.
Енергетската аналитичарка Џес Ралстон вели дека во Европа сè уште нема докази за физички недостиг.
„Кога има ваква неизвесност во светот, тенденцијата е луѓето да паничат. И многу луѓе се сеќаваат што се случи со Русија и Украина и целата неизвесност. И очигледно, инфлацијата полуде оттогаш. Но, во овој момент во Велика Британија и во Европа не се очекува значителен реален недостиг на понуда. Повеќе тоа се одрази на цените кои беа многу високи поради потенцијални нарушувања, а не поради реален недостиг. Значи, во овој момент луѓето паничат и купуваат бензин. Веројатно е малку превентивно, но понатаму сè ќе биде околу тие цени и обидот да се осигура дека сметките за енергија нема да полудат како што се случи во последните неколку години“, вели Ралстон.
Прерано е да се прогнозира во кој обем ќе биде влијанието врз цените за крајните потрошувачи, но ако продолжи конфликтот расте и инфлаторниот ризик.
Конфликтот на Блискиот Исток има огромно влијание и врз патувањата и глобалната трговија.
Откако минатиот викенд почнаа американските и израелските напади врз Иран, а потоа и одмаздничките напади врз Израел и земјите од Заливот, комерцијалните летови во тој регион се запрени или строго ограничени, оставајќи ги туристите, деловните патници и сезонските работници заглавени во хотели, на аеродроми и крстосувачки бродови.
„Тоа е стратешки коридор во однос на можноста за движење од запад кон исток. Околу 20 до 30 проценти од светските патувања и трговија минуваат низ тој коридор. Со блокирање на тој воздушен простор на крајот ја блокирате глобалната поврзаност на луѓето, на трговијата, на економскиот ангажман и на глобалната стабилност. Значи, тоа е стратешки многу важна точка во светот кога работите одат добро и многу, многу чувствителна кога работите одат наопаку“, вели Анита Мендирата, експерт за авијација и туризам.
Неочекуваната состојба и затекнатите патници, но и жители во сега веќе завојуваниот регион, ја зголеми побарувачката за чартер летови со приватни авиони.
Најбарана дестинација во моментов е Истанбул, бидејќи оттаму има многу добри врски низ целиот свет. Половина од барањата за чартери се однесуваат на оваа дестинација, а потоа следуваат Лондон, Рим и Мадрид.
Вонредната побарувачка ги вивна цените на чартерите. Ако во нормални пазарни услови лесен авион од Мускат до Истанбул би чинел околу 40.000 евра, сега цената е двојно повисока, додека поголемите авиони со поголем капацитет за патници и товар достигнуваат цени и до 120.000 евра.
„Овие зголемувања на трошоците го одразуваат недостигот на авиони, трошоците за репозиционирање, како и проценките на ризикот од операторот. Значи, ова не е шпекулативно одредување на цените. Значи, постои вистинско оправдување за овие цени во моментов. Ова не е вообичаена побарувачка за одмор како што сме навикнати, туку вистинска побарувачка првенствено водена од безбедноста и преместувањето. Па, во моментов авионите работат како неофицијални летови за репатријација“, вели Алтај Кула, извршен директор на JetVIP, компанија за чартер летови.
И тука не запираат негативните ефекти врз глобалната економија од блокирањето на водниот пат на јужниот брег на Иран. Покрај тоа што Ормудскиот теснец е клучна траса за транспорт на алуминиум и шеќер, низ него поминува и третина од ѓубривата потребни за земјоделството на светско ниво. Оттука, ако војната продолжи, тоа неминовно сестрано ќе се одрази.
Мирјана Јовеска
