Балкан Вести Топ вести

Со парада и силна поддршка за осомничените воени злосторници од ОВК – Косово прославува 18 години независност

Најмладата држава во Европа, република Косово, денеска прослави 18 години од своето формирање, со парада на безбедносните сили, говор на премиерот Албин Курти, но и масовен протест во знак на поддршка на лидерите на поранешната Ослободителна војска на Косово, Хашим Тачи,  Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, на кои во судот во Хаг им се суди за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во периодот од март 1998-та и септември 1999-тата година.

Четворицата осомничени воени злосторници ја имаат поддршката на актуелни лидери на Косово.

Претседателката Вјоса Османи денеска порача дека „вистината не може да се промени со обидите одново да се напише историјата или да се девалвира и извалка борбата на народот на Косово за слобода“.

Порака во сличен тон испрати и премиерот Курти, кој во својот говор на централната прослава во Приштина, оцени дека судските процеси против, како што ги опиша, некои од лидерите на ослободителната војна биле нетранспарентни и без преседан во праксата на меѓународното право.

„Ние веруваме во правда, но не прифаќаме ревизија или пишување одново на историјата. Војната на ОВК беше чиста, ослободителна и анти-колонијална, праведна борба на окупиран и угнетен народ под апартхејд. Ова е вистината која никој не може да ја смени“ – изјави Курти.

По прославата, во главниот град на Косово, и покрај снежните врнежи и студеното време, се одржа и масовен протест на илјадници граѓани, кои со развиорени албански знамиња, гласно изразија протест и несогласување заради судскиот процес во Хаг против лидерите на ОВК.

Хашкото обвинителство побара затворски казни од 45 години за секој од четворицата обвинети.

Тачи, Весели, Селими и Красниќи се изјаснија за невини по обвинувањата, а одбраната тврди дека обвинителите не успеале да ја докажат нивната индивидуална или командна одговорност за наводните воени злосторства.

Пресудата за поранешните лидери на ОВК се очекува околу 90 дена по завршните обраќања на обвинителството и одбраната, кои треба да завршат на 18-ти февруари.

Кон крајот на месецот, на посебен судски процес, на Тачи исто така ќе му се суди и за заплашување на сведоците.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе