Вести Свет

Советот на ЕУ одобри целосна забрана за увоз на руски гас што ќе стапи на сила во 2027 година

Советот на Европската Унија (ЕУ) денеска ја усвои Регулативата за постепено укинување на увозот на руски природен гас и течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ, која воедно вклучува и мерки за ефикасно следење на оваа забрана и за диверзификација во снабдувањето со енергија.

„Од денеска, енергетскиот пазар на ЕУ ќе биде посилен, поотпорен и поразновиден. Се откажуваме од штетната зависност од рускиот гас и правиме голем чекор, во духот на солидарност и соработка, кон автономна Енергетска унија“, изјави кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија Михаел Дамијанос по повод усвојувањето на Регулативата.

Според актот, постепената забрана за увоз на руски гас во ЕУ ќе почне да се применува шест недели по стапувањето во сила на Регулативата. Целосна забрана на увоз на ЛНГ треба стапи во сила од почетокот на 2027 година, а на природниот гас од есента истата година.

Непочитувањето на новите правила може да резултира со максимални казни од најмалку 2,5 милиони евра за поединци и најмалку 40 милиони евра за компании или, пак, најмалку 3,5 проценти од вкупниот годишен промет на компанијата на глобално ниво или 300 отсто од проценетиот промет на трансакциите.

Дополнително, согласно Регулативата, земјите членки на ЕУ до 1 март 2026 година мора да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и да ги идентификуваат потенцијалните предизвици во замената на рускиот гас.

Во случај на прогласена вонредна состојба или ако безбедноста на снабдувањето е сериозно загрозена во една или повеќе земји од ЕУ, Комисијата може да ја суспендира забраната за увоз на руски гас во траење до четири недели.

Регулативата ќе стапи на сила еден ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, што се очекува да се случи неделева.

Инаку, паралелно со ова, Еврокомисијата планира да предложи и закон за постепено укинување на увозот на руска нафта во ЕУ до крајот на 2027 година.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

8 убиени и 62 повредени лица во украински напади на два магацини на најголемата руска компанија за онлајн трговија

Igor Trajkov

Почина Нури Бајрами, поранешен член на Антикорупциската комисија

Дејан Дејан

ВМРО-ДПМНЕ: Инвестирани над 70 милиони евра во образовна инфраструктура и обезбедени повисоки плати за наставниците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе