Парите биле откриени сокриени, односно соѕидани во ѕид во куќата на родителите на осомничениот судија Ѓоко Ристов. Истражителите и обвинителството добиле одобрување за претрес на куќата во Неготино, во рамки на истрагата за корупција во која е вклучен и апелациониот судија и денеска успеале да најдат 350.000 евра. Парите се наоѓале во празен простор зад ѕид од цигли врз кои имало и плочки, потврдија за Телма, извори запознаени со истрагата.
„Денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, соопшти ОЈО ГОКК.
Но, ова не бил прв претрес во објекти поврзани со судијата Ристов. Вчера била проверувана викендица на судијата во близина на Неготино, а пред еден месец имало и претрес во друг објект. Судските наредби биле добивани, но истрагата не можела да ги потврди сознанијата за сокриени пари. Клучните информации биле добиени од припадници на безбедносните служби, а обвинителството соопшти дека истрагата била поткрепена и со информации и известувања од тајната служба АНБ.
Известувањата, како што дознава Телма, се однесувала на повеќе локации за скриени бункери за пари во куќата во Неготино. Истражителите при претресот откриле еден празен бункер за кој истрагата претпоставува дека порано се користел за криење на предмети и пари. Користеле и специјални апарати за т.н. проверка на внатрешноста на ѕидовите. Парите на крај биле откриени во ѕидот сокриени на ист начин како што го прават мексиканските нарко-картели.
Судијата е осомничен за противправно стекнување и прикривање на имот, но има судиски имунитет поради што не е приведен. Истрагата ќе продолжи, а од обвинителството тврдат дека станува збор за прва од ваков вид истрага во државата.
„Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал“, се додава во соопштението на ОЈО ГОКК.
Истрагата е отворена на средината на декември, по апсењето на адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа кој како бранител на бегалецот Љупчо Пецов Ѓаволот му зел 50.000 евра за да му „среди“ и подмити судија за замена на затворскиот притвор со домашен. Во тој предмет, ОЈО ГОКК првично соопшти инволвираност на апелационен судија, без да прецизира повеќе детали. Стафа е во притвор, а неговиот клиент Пецов Ѓаволот доби куќен притвор после двегодишно бегство.
Миомир Серафиновиќ
