Предлог законот за заштита од пушење доби поддршка и од лекарската комора. За лекарите, ова не е политичко, туку животно прашање, бидејќи станува збор за здравјето и заштитата на граѓаните, пред сè, на децата, на младите и на ранливите категории. Од комората велат дека докторите секојдневно ги гледаат последиците и уверуваат дека строгото спроведување на законските мерки ќе значи помалку хоспитализации и повеќе спасени животи.
„Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми директно или индиректно се поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар и за поединецот и за здравствениот систем. Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, значително ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници на овие производи, ефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање здрава животна и работна средина“, велат од Лекарската комора.
Во меѓувреме, проблемот со отпушоците добива и безбедносна димензија. Здружението на граѓани „За почиста Македонија“ испрати петиција со над 1.000 потписи до Владата и до МВР. Бараат системот „Безбеден град“ да детектира и казнува фрлање отпушоци од возила. Отпушокот не е ситница, тој е загадувач, но и потенцијална искра за пожар, вели Марко Џамбазоски.
„Но, покрај естетскиот проблем, тука имаме и еколошки проблем. Еве да го земеме отпушокот како најчест отпад кој што го наоѓаме по улиците тој има премногу токсични материи кои што ја загадуваат и почвата и водата и потребни се многу години за да се разгради тој отпушок, затоа што содржи многу микропластики. Исто така, ова е закана и за јавната безбедност. Да не заборавиме дека во Македонија имаме огромен број на пожари во текот на годината, а еден од најчестите причинители е токму фрлениот отпушок од несовесни граѓани“, вели Марко Џамбазоски од здружението на граѓани „За почиста Македонија“.
Системот „Безбеден град“ засега може да регистрира само прекршоци утврдени со закон, а за да детектира фрлање отпушоци и друг отпад, потребни се законски измени, вели премиерот Христијан Мицкоски и додава дека без нив системот нема овластувања. Најави дека имплементацијата на „Безбеден град“ треба да започне од 1 февруари, но прво ќе следат почетни фази кои ќе траат неколку месеци, а потоа и проширување на надлежностите.
Симона Петровска
