Осум месеци откако Управен го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, судскиот совет, на предлогот на претседателот Камбовски, одлучи да распише нов оглас за пополнување на нејзиното место, како што предвидува тазе донесениот Закон за судски совет. Досега миналниот праг беше 15 години стаж. Со новиот закон, по распишан оглас, Судски на Собранието му предлага двајца кандидати со најмалку 20 години судиски стаж, по претходно утврдена оцена на нивните вкупни резултати во работата и придонесот за развојот на стручната и теоретската мисла и на правниот систем.
„За да може да дадеме еден законит, транспарентен и објективен предлог, треба да објавиме еден оглас, согласно членот 103 од законот за Судски совет, којшто пропишува кој од судиите може да се јави на тој оглас, кои услови треба да ги исполнува и на тој начин ќе обезбедиме еднаков пристап и еднаква можност на сите заинтересирани колеги судии коишто сакаат да се пријават на овој оглас, а потоа наредно наше е кој од тие судии ќе утврдиме дека заслужува да биде наш предлог до Собранието на државата“, изјави претседателот на Судски совет, Александар Камбовски.
Изминатиот период во судски имаше дебата дали да ја повторат постапката со истите кандидати или да одат со нова постапка.
Пресудата на Управен е нејасна и жежок костен за судскиот совет. Дискутираме за одлука со која се понишува одлука за избор на Собранието. Оваа одлука не е пример како судовите ги штитат човековите права, туку напротив, критикуваше членот Ивица Николвски, кој, сепак, се согласи дека станува збор за правосилна пресуда која мора да се почитува.
„Пресудата е правен преседан во развојот на правната мисла и последиците дополнитлено ќе ги почувствуваме. Навистина ми беше жал што за ваквата одлука, Судскиот совет пропуштил шанса да заземе место и улога во рамки на своите надлежности. Одлуката е конфузна и не е јасна“, вели Ивица Николовски, член на Судски совет.
Судски ќе го менува и деловникот за да пропише конкретна процедура како ќе го изберат кандидатот кој ќе оди на гласање пред пратениците. Една од забелешките на пресудата во Управен беше тоа што откако Дуковска доби 11 гласа, за другите две кандидатки членовите не се произнесоа. Една од кандидатките беше тогашната судијка, а сега членка на Судски, Антоанета Димовска која ја поднесе тужбата, а на денешната седница се иззема од оваа точка. Дуковска поднесе претставка во судскиот совет против судиите. Управниот суд го поништи нејзиниот избор две години откако беше избрана и одлучуваше во работата на уставниот суд.
Елена Ивановска Мукоска
