Вести Македонија Топ вести

Иницијатива О2: ,,Загадувањето на воздухот е здравствена криза”

Иницијативата О2 излезе со најнова анализа поврзана со аерозагадувањето. Според нив, едни од главните загадувачи се ПМ-честичките, издувните гасови од дизел возилата, полицикличните ароматични јаглеводороди и бензенот во издувните гасови од возилата.

,,Целта на анализата беше да се покаже каде сме со вредностите не само на ПМ10 честичките, туку и на ПМ2.5 и на азотните диоксиди, при што е утврдено дека речиси пет години ништо не се менува. Исто така, имаме податок дека 30 проценти од мерните инструменти не работат и поради тоа немаме валидни податоци’’, вели Невена Георгиевска од Иницијативата О2.

Според нив, проблемот со загадувањето не е само еколошка тема, туку претставува и сериозна здравствена криза. Иницијативата додава дека со години се применуваат краткорочни решенија кои не даваат никакви ефекти во решавањето на овој проблем.

„Проблемот со аерозагадувањето не е само еколошки проблем, туку е здравствена криза и како таква мора да има приоритет во решавањето. Ние со години апелираме, укажуваме и предлагаме мерки, меѓутоа речиси ништо од тоа не се презема. Се воведуваат некои популистички мерки, само за да се каже дека нешто се презема, но со тоа нема никакво подобрување на загадувањето. Подобрувањата се сведуваат исклучиво на климатските услови“, додава Георгиевска.

Еден од податоците во анализата е поврзан со азотниот диоксид, кој дури и за време на летниот период не е во границите на нормалата.

„Азотниот диоксид, на пример, покажува дека и во лето, на места за кои се смета дека се чисти, како Лазарополе, речиси во ниту еден месец не е во нормални граници“, појаснува Георгиевска.

Според О2, потребно е да се изработи национален план за да има некакви резултати во спречувањето на аерозагадувањето, бидејќи, како што додаваат, веќе 10 години се тапка во место.

„Потребно е да направиме национална стратегија, да дадеме предлози и да изработиме план како да почнеме да го решаваме овој проблем. Ние со години зборуваме дека загадувањето е сериозен проблем кој бара долгорочни решенија, но и покрај тоа, веќе повеќе од десет години тапкаме во место“, објаснува Георгиевска.

Во Македонија секоја година се зголемува бројот на починати лица. Во 2023 година таа бројка достигнала 222 лица на 100.000 жители.

Софија Бислимоски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничен е 26-годишен маж за убиство на поранешната британска министерка Видикомб

Tea Dimkovska

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците потпишаа коалициски договор

Tea Dimkovska

Урсула фон дер Лајен ќе го донира пиштолот кој го доби од претседателот Ердоган на Самитот во Анкара

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе