За само една недела три пати e зголемен бројот на амбулантски прегледи на Инфективна клиника. Во моментов се хоспитализирани 12 пациенти, кај двајца е потврдена инфлуенца А и истите се со посложена клиничка слика. Неколку од нив се со кислородна поддршка на минимална концентрација.
„Другите се клинички. Од хоспитализираните, едно лице е потешко болно и е на интензивно лекување. Пациентот е интубиран и е на механичка вентилација“, изјави д-р Фадил Цана, директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
И кога станува збор за амбулантските прегледи, имајќи предвид дека се зголемува бројот на пациенти кај матичните лекари, колкав е бројот на прегледи на дневно ниво на инфективна клиника?
„Јас статистички можам да ви потврдам дека на Инфективна клиника веднаш по Нова година од 1 до 9 јануари имаме околу 286 прегледани пациенти кои се со инфлуенца и кои претежно се амбулантски. 12 се хоспитализирани и претежно се пациенти со хронични заболувања, со коморбидитети кај кои било потребно хоспитално лекување“, сподели доктор Цана.
Во однос на амбулантските прегледи, најголем број на пациенти се на возраст меѓу 18 и 60 години. Според досегашното искуство на Инфективната клиника, се очекува пикот на грипот да биде кон крајот на јануари и почетокот на февруари. Што се однесува до хоспитализираните пациенти на Инфективна во најголем дел се невакцинирани против сезонски грип.
„Можеби затоа потешко го поминуваат грипот и кај некои, за жал, се усложнува здравствената состојба“, додаде директор на Универзитетска клиника за инфективни болести.
Лекарите со апел до граѓаните, без оглед на возраста, да ги почитуваат препораките за превенција. Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, во текот на првата недела од 2026 се пријавени 1.725 случаи на заболени од грип, што говори за двојно зголемување во однос на претходната недела.
Нина Стефанова
