Почина 75-годишна жена која била прегазена додека одела низ скопската улица „Народен фронт“ во близина на трговскиот центар „Зебра“. Таа била тешко повредена и била однесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде подлегнала на повредите. Возач кој со автомобил удрил во неа побегнал веднаш од местото на сообраќајката.
На терен интервенираа екипите на СВР Скопје, кои сега го обезбедуваат местото. На местото на несреќата има парчиња од автомобилот, како и скршен ретровизор, со видливи траги на крв. Поради увидот, сообраќајот во овој дел од улицата се одвиваше по една коловозна лента и беше значително отежнат, особено затоа што од едната страна има паркирани возила.
Несреќата се случила на дел од улицата каде нема обележан пешачки премин, сепак станува збор за локација која често ја користат пешаци, бидејќи во близина се наоѓаат детско игралиште и клупи за одмор, поради што фреквенцијата на движење е голема.
Т.Д.
