Во првата недела од јануари регистрирани се 1.725 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем број заболени се евидентирани кај лица на возраст од 15 до 64 години, додека најмал број кај граѓаните над 65 години. Најмногу пријавени случаи има во Скопје и во Тетово, додека во Кавадарци, во Неготино, во Струга и во Радовиш, бројот на заболени е помал од 30.
„Пикот, според податоците, го очекуваме да биде во втората половина на овој месец и во првата половина на месец февруари, а со враќањето на децата во училшта очекуваме и бројот на лица да биде и зголемен“, вели Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.
Андоновска вели состојбата ќе се следи, а доколку бројките се превисоки, ќе дадат препораки до министерството за образование да се одложи почетокот на второто полугодие. Но, и за време на зимскиот распуст, голем е бројот на деца заболени од грип. На клиниката „Козле“, капацитетите се, речиси, целосно исполнети. Надлежните информираат дека симптомите започнуваат нагло и апелираат до родителите првите неколку дена децата да останат дома, да примаат витамини, а доколку симптомите продолжат, да се јават кај матичен лекар или во дежурна амбуланта.
„Во нашата клиника на дневно ниво се прегледуваат и до 250 пациенти, хоспитализирани се моментално 90-тина деца со што капацитетот е скоро потполно исполнет. Децата најчесто доаѓаат со симптоми на зголемена телесна температура, болка во грлото, носна секреција, сува кашлица, болка во мускули и зглобови. Дел од нив, секако, кои што треба болнички да се третираат, се хоспитализираат меѓутоа повеќето се пуштаат на домашно лекување“, вели д-р Катерина Бошковска, директорка на клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Според здравствените власти, вакцинацијата и натаму останува најефикасна заштита. Министерот за здравство пред неколку дена рече дека во државата останале уште 3.000 вакцини против грип. Граѓаните можат директно да се вакцинираат во здравствените установи, без претходно пријавување во системот. Во поликлиниката „Бит Пазар“ моментално се останати уште околу 80 вакцини.
„Досега во нашата поликлиника беа вакцинирани околу 5.000 граѓани, поголемиот дел беа со хронични заболувања, возрасни над 65 години, имаше многу малку деца, околу десетина“, вели Кефаит Љатифи Чаили од ЈЗУ Здравствен дом Поликлиника „Бит пазар“.
Миењето на рацете, редовното проветрување на просториите, избегнувањето гужви, останувањето дома при појава на симптоми, како и внесување повеќе течности и храна богата со витамини, се главните препораки на надлежните за заштита од грип.
Симона Петровска
