Во акција на мобилен царински тим на граничниот премин „Блаце“ е спречен обид за нелегално внесување на пиротехнички средства во земјава. При преглед на автомобил со швајцарски регистарски таблички, инспекторите откриле дека задните седишта и багажникот се полни со петарди и огномети, ризични по здравјето на граѓаните. Против сторителот, македонски државјанин од Гостивар, е поведена кривична постапка, а поднесена е кривична пријава за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
Истражителите утврдиле дека нелегалната пиротехника била набавена од Приштина, а намерата била истата противзаконски да биде внесена во Македонија. Вчера, пак, скопската полиција спроведе голема акција на скопски Бит Пазар, а службениците од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје открија и запленија над 6.000 парчиња различни пиротехнички средства. Полицијата апелира до граѓаните да не купуваат нелегални огномети и петарди и да ги почитуваат безбедносните упатства.
