Енормното аерозагадување кое во изминатиот период како сива завеса се спушти над главниот град, најмногу ги погоди децата. Само за еден ден на Клиниката за детски болести се прегледуваат и до 80 деца, додека неделно се регистрираат и по пет случаи на сезонски грип. Од Клиниката велат дека најчесто станува збор за инфлуенца А вирусот, а бројките, како и секоја година во овој период, бележат пораст.
„Нашите пациенти се изолирани најчесто од инфлуенца А вирусот, секако доминираат деца со полесна симптоматологија кои се третираат амбулантски, меѓутоа помалите деца и доенчињата кои развиваат компликации во смисла на долно респираторни инфекции, пневмонија, бронхит, итн. се задржуваат за болнички третман и ја добиваат потребната медицнска нега. Бројот расте нормано во овој период како и секоја година“, изјави Реџеп Мемеди директор на Клиника за детски болести Скопје
Во болничките ходници, каде тишината често ја заменува детската смеа, за миг се врати радоста. Дедо Мраз и омилените цртани јунаци им ги одзедоа мислите од болеста на малите херои кои новогодишните денови ги минуваат на клиниката.
„Традиционално по осми пат под мото „Да подариме насмевка“ и оваа година присутни на детската клиника, дел од нас облечени во костими колку толку да украдеме некоја детска насмевка. Нема нешто поубаво кога сега ќе ги видите лицата на децата кои за жал во овие последни предновогодишни денови ќе ги поминат можеби во болнички постели. Им посакуваме што е можно побрзо да го напуштат овој објект“, вели Арѓенд Чиљафи од Црвен крст.
Лекарите апелираат родителите да не ги носат децата во училишта и градинки доколку имаат симптоми на грип. Препорачуваат установите да бидат опремени со прочистувачи на воздух. Најчестите симптоми на грип се висока телесна температура, течење на носот, солзење на очите, кашлица и болки во грлото. Лекарите советуваат да не се брза со антибиотици, туку температурата да се намалува со парацетамол и доволно течности, а ако состојбата се влоши да се консултираат со педијатар.
Симона Петровска
