Апокалиптични сцени утрово може да се забележат низ улиците на главниот град. Скопје веќе денови наназад котира високо на листата на најзагадени градови во светот, а денеска се најде во непопуларното друштво на првите пет на светската листа, а на европската се искачи дури на второто.
Загадувањето го отежнува секојдневнието на скопјани. Апелираат до надлежните да не се амнестрираат од одговорност туку да преземат мерки веднаш.
- „Ништо не се гледа, многу е загадено, многу дим“, вели жител на Скопје.
- „Како што е во Осло, Норвешка со дупки и греење на асфалтот, би сакал и кај нас такво нешто да се случи“, смета друг жител.
- „Смета и на здравје, и на очи на се смета, на грло, на се смета. Најмногу на постарите коишто сме поосетливи ептен е тешко“, рече жителка.
- „Се знае кој треба да го реши. Ние сме гласни не знам веќе колку години наназад“, објаснува друг граѓанин.
Проблемот не е отсега, на него алармираме со години наназад, велат од еко-здруженија. Уморни сме од повторување на последиците од аларматното аерозагадување, бидејќи ништо не се менува.
„Сето време збориме, треба ова, треба она да се направи, нема никакво поместување и почнување со правење на нештата. Па да почнеме со едни филтри за индивидуалните домаќинства можеби ќе успееме да докажеме дека или загадуваат или не загадуваат толку колку што мислиме. Да почнеме со контрола многу поредовна и вонредна контрола на индустриските објекти, да се проверат А и Б интегрираните дозволи на големите загадувачи, да се работи на обезбедување на еколошки налепници на возилата, и да се неовозможи движење на возила кои повеќе загадуваат во вакви периоди“, потенцираше Татјана Стојановска, Иницијатива О2.
Надлежните се правдаат дека не седат со скрстени раце, уверуваат дека постојано се во инспекциски надзори, но досега немаат изречено ниту една казна.
„Кога има мали отстапувања секогаш одиме со едукативно за да го решиме проблемот, не е работа да пишеме казни и да ги затвориме субјектите. Секако штот има големо пречекорување, секако дека ќе добијат казна. Како инспекторат општо е познато дека има недостаток на инспектори, но секогаш овој период затоа што знаеме дека секоја година се повторува аерозагадувањето овој период сме фокусирани на вонредни надзори на А интегрирани дозволи“, вели Ивана Гиновска од инспекторатот за животна средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање вчера излезе со мерки поради зголеменото аерозагадувљње, меѓу кои ослободување од работа за бремени жени, лица над 60 години и хронично болни, како и реорганизација на работното време и ограничување на работата на отворено од 11 до 17 часот. И покрај воведените мерки загадувањето, останува да лебди прашањето дали властите конечно ќе се покренат за донесување на мерки за долгоречен период.
Tea Димковска
