„Интервентна- брат, ние не се двоумиме“, е една од римите во хип хоп видео кое го објави МВР за 6-тиот роденден на Интервентната полиција (наследничка на поранешните Алфи). Во стил на мотивациски говор, хип хоп римите ја величаат единицата чие седиште е во касарната Ѓорче Петров како најдобра во составот на МВР.
Од МВР и во соопштението не е откриен авторот на песната и изведувачите кои ја пејат, а видеото прикажува вежба-акција против опасен криминалец кој вози по улицата „Џон Кенеди“ во Чаир. Во еден од стиховите се слуша домашна изведна на слоганот „America first“ која ја користат десничарските поддржувачи на претседателот на САД, Доналд Трамп и стихот гласи:„ Ние сме тим, Македонија ПРВА- тоа е Рим“.
Со пораката, „Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните“ денеска во централата на единицата беше одржана свеченост на која присуствуваше врвот на МВР.
-Интервентната полиција често пати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за околу 40 проценти е јасен показател за вашата ефикасност, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Интервентната полиција ја наследи единицата Алфи која со тек на времето почна да добива негативни критики поради начинот на функционирање и имаше многу постапки за пречекорување на овластувањата кон граѓани кои биле претресувани и задржувани од нивна страна. Со реформите во 2019-та, алфите во цивилна облека се „престроија“ во новата Интервентна единица кои доби сиви униформи.
Актуелниот командант на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, на прославата посочи дека за шест години постоење, Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем, подготвена да одговори на сите облици на криминал.
-Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник, успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење, нагласи Столевски.
Во продолжение хип хоп изданието на Интервентната полиција:
Миомир Серафиновиќ
