Целта на навремено носење на новиот Закон за судски совет беше да се влијае на структурата на Судскиот совет, да влезат луѓе со интегритет, бидејќи ние во измените на законот предвидовме дека кандидатите кои што ги бира собранието на предлог на претседателот на државата и на комисијата за избор и именување, треба да исполнуваат построги предуслови за да можат да станат кандидати за избор, рече Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Сметам дека тие одредби нудат еден друг квалитет во судскиот совет. Нудат избор на луѓе кои, меѓудругото, предвидовме да имаат докажан статус на истакнат правник со интегритет, луѓе кои што објавувале трудови во делот на судската сфера, во правосудниот систем. Дури предвидовме и препораки за оние кои што ќе се појават од институциите каде што претходно имале кариера. Предвидовме и интервјуа, слични како и оние на ДКСК и на комисијата за недискриминација“, вели Лазарова Трајковска.
Таа упати и на препораките на Оценската мисија според кои тоа треба да бидат луѓе кои што се деполитизирани и немаат контакт со политичките партии.
„Предвидовме предуслов, најмалку четири години пред да се кандидираат да не биле членови на политички партии, да не биле во политички тела. И сето тоа, сега по распишувањето на огласи по стариот критериум се става на страна, за жал“, додаде Лазарова Трајковска.
С.Д.
