Неспорно е правото на пратениците да предлагаат измени на закони и подобрување на законската рамка, меѓутоа спорните измени од 2023 година направија упад во казнената политика на нашата земја, токму во делот на законските одредби кои што треба да бидат клучот за справување со корупцијата и коруптивниот криминал, поврзан со носителите на јавни функции, со носителите на функции во јавни претпријатија, итн, истакна Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд, во вечерашното интервју во „„Топ тема“ на ТВ Телма.
„Се соочивме со сериозни проблеми по донесувањето на тие спорни измени. Сега очекувањето на правната јавност беше она што ќе се предложи како измена или враќање, барем враќање на казнената политика која што постоеше со претходните одредби од 353, да биде во линија на она што постоеше претходно во јавниот систем. Намалувањето на казните со измените од септември во 2023 година доведе до страшен недостаток на нивелирање на казнената политика. Па така, кога ќе споредите, одредбите од 353 нудат полесна казна одошто казнените одредби поврзани со кражба или со тешка кражба, за жал, а овде се работи за криминал од големи размери“, вели Лазарова Трајковска.
Лазарова Трајковска потенцира дека очекувањата при предложување на вакви измени се тие да влезат во јавна расправа и јавната фела да ги проанализира и продискутира. Посочи дека предлогот на измените на КЗ за 353 воопшто не беше доставен до Врховниот суд да може да се произнесе во фазата кога се предлага законот, ниту беше дадена можност да се отвори јавна расправа.
„Се плашам и овојпат да поминеме во една таква фаза во која ќе се донесат одредби кои што ќе направат некаков диспаритет во однос на она што треба да биде, а што се нуди. Знам дека во министерството за правда е завршен предлогот на Кривичниот законик. На него се работеше долги години. Јас ги погледнав предлозите на работната група и она што го предлага групата на пратеници. Има разлики во овие два предлога и за мене тука недостасува дијалог меѓу законодавната и извршната власт“, рече Лазарова Трајковска.
Според неа, кога се предлагаат така сериозни решенија, најмалку што може да се очекува е да се спојат предлозите или пак да се организира некаква поширока расправа во која ќе може да се даде придонес за подобрување на текстот.
„Јас ги видов предлозите. Таму има одредби кои што се навистина значајни, како на пример во делот на импелментирање на одредбите од Истанбулската конвенција, во делот на ркивичните дела поврзани со безбедноста во сообраќајот, меѓутоа сепак, фокусот треба да биде на членот 353. И затоа мислам, за мене, ова брзо достасување на предлогот на крајот на годината, кога истекува рокот од шест месеци од Уставниот суд, се плашам да не направи втор упад во казнената политика“, смета Лазарова Трајковска.
С.Д.
