Злоупотребата на службена положба при јавните набавки која беше избришана со спорните измени на КЗ од 2023 ќе се враќа со предлог закон од група пратеници на ВМРО ДПМНЕ но казната не е како онаа што беше пред септември 2023 кога за ова дело функционер можеше да биде казнет од 5 до 20 години. Сега се предлагаат казни до најмногу 10 години. Променета е и формулацијата на одредбата.
„Службено лице или одговорно лице кое спротивно на закон, набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе или направи измени на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, ќе се казни со затвор од една до осум години, а доколку со делото од овој став е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од четири до десет години“, член 353 став 5 од предлог измените на КЗ.
За злоупотребите со кои ќе се прибави значителна имотна корист или ќе се предизвика значителна штета, со вчерашниот предлог, се предвидува повисока казна во однос на контроверзните измени но пониска во споредба со старите одредби на КЗ.
Во старата одредба беше предвидена казна затвор од 3 до 20 години во новиот предлог стои казна од 1 до 8 години со измените од септември 2023 од 1 до 5 години. Во ставот еден пак останува иста казна а се враќа и искористувањето на службената положба како дејствие на извршување на кривичното дело
Повисоки казни се предлагаат и несовесно работење за злосторничко здружување.
Според предлагачите со измените се заострува казнената политика а ги анализирале и негативните последиците од спорните измени на КЗ врз правосудството и борбата со корупцијата. При неговата подготовка користена е компаративна анализа подготвена во Собранието
„Го предлагаме овој Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, како законско решение со кое би се анулирала настанатата состојба и државата повторно би се вратила на патот на европските политики во сферата на борбата против организираниот криминал и корупцијата“, се предлог измените во КЗ.
Претседателката на државата ги поддржува измените.
„Ги охрабрувам реформите, бидејќи тоа е многу важна измена во рамките на судските реформи и мислам дека треба да се усвојат час поскоро. Укажувам и на опасноста или реалното предупредување од Уставниот суд, дека ако ова не се случи до крајот на месецот, тие може да посегнат по други мерки“, изјави Гордана Сиљановска Давкова.
Собранието треба да ја фати последната шанса што Уставниот суд му ја даде-до крајот на крајот на декември да ги смени контроверзните одредби. Но законодавниот дом претходно не го испочитува ниту рокот од 6 месеци што уставен им го даде за да се усогласи.
Одговорот од законодавниот дом претходно беше дека чекаат предлог од Владата. Иако во министерството за правда токму на овие измени работеше експертска работна група тие до сега не стасаа во Собранието. Што се случи со тие измени конкретен одговор не добивме туку само дека: Министерството за правда останува фокусирано на подготовка на нов Кривичен законик.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: T.Д.
