Вести Македонија

Изгласани се законите што го отвораат патот за системот „Безбеден град“

Законот за прекршоци е последен во пакетот закони кои треба да се донесат за да може да функционира системот „Безбеден град“. Пратениците вчера донесоа четири закони со кои се прецизира постапката од регистрирање на прекршокот до изрекување на санкцијата. Институциите ќе може да одземат возачка дозвола и на несовесниот возач да му забранат и до една година повторно да полага испит. Од стартот на тест периодот на „Безбеден град“ во Скопје не е регистрирана сообраќајна незгода со жртва.

Четири од петте закони неопходни за да може да профункционира системот „Безбеден град“ вчера поминаа во Собранието а од пакетот закони останува уште законот за прекршоци кој е во второ читање и измени во Кривичниот закони чие разгледување допрва треба да почне.

Пратениците ги изгласаа неопходните измени во законот за полиција, за безбедност во сообраќајот, за возила и за извршување на санкции со што постапката од регистрирање на прекршокот до изрекување на санкција е ставен во законска рамка.

Министерот Панче Тошковски очекува до крајот на идната година системот „безбеден град“ да биде имплементиран и да функционира на територијата на целата држава.

„Ние на прва фаза ги додадовме Коридорите 8 и 10. Тоа треба и ќе го завршиме заклучно со 1 февруари 2026 година. Се надевам дека до јули 2026 година ќе го имаме имплементирано на територијата на државата „Сејф сити“ како систем, а сигурен сум дека до крајот на 2026 година ќе го имаме имплементирано во секој град како паметен систем“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Дел од измените предвидуваат 100 евра глоба доколку не се пријави промена на телефонот или електронската пошта на сопственикот на возилото а казните за фирмите се повисоки. Возачот кому, во период од четири години, три пати ќе му биде изречена казна за одземање на возачката дозвола ќе остане трајно без неа и ќе има право повторно да полага по една година од одземањето.

Измени ќе има и во должината на периодот кој може да биде одземена возачката дозвола и ќе биде продолжен и до неколку години. Граничната полиција ќе ги има податоците за странските државјани сио изречени забрани за управување на возило.

Останува да се утврди маргината на грешка при мерењето на брзината за која надлежните најавуваат дека ќе биде до 10 проценти односно 5 километри. Системот „Безбеден град“ ќе ги препознава возилата на итна помош, пожарните и полициските возила и нема да им изрекува казни.

„Никој нема да биде изземен од системот „Сејф сити“. Секако дека одредени возила имаат потреба да постапуваат согласно ургентни ситуации како што се полициски возила, возила на итна помош и возила на пожарна при преземање дејствија“, додава Тошковски. 

Од стартот на тест периодот на „Безбеден град“ во Скопје не е регистрирана сообраќајна незгода со жртва и драстично е намален бројот на сообраќајќи со повредени лица.

Огнен Чанчаревиќ

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе