Собранието без расправа со 65 гласа „за“ и без ниту еден „против“ или „воздржан“ ги донесе измените и дополнувањата на законите неопходни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“.
Усвоени беа измените на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.
За измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се носат со двојно мнозинство, гласаа „за“ и десеттемина пратеници од заедниците кои не се во мнозинство. Претходно, собраниската Комисија за одбрана и безбедност ги поддржа дел од законските измени и ги упати на понатамошна постапка.
Пратениците го завршија и претресот по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, кој е дел од истиот пакет за „Безбеден град“, а за кој дополнително ќе се гласа на наредна седница.
