Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, поради сомнение за „злоупотреба на службената положба и овластување“, соопштува МВР.
Пријавата се однесува на периодот кога тој ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи во 2021 година. Според наводите, Спасовски овозможил технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист од над 5 милиони денари. Тој наводно намерно не донел решение за одземање на овластувањето за технички преглед во законски предвидениот рок, иако имал обврска тоа да го стори најдоцна 15 дена по примањето на предметот.
Во пријавата се наведува дека со таквото постапување поранешниот министер ја прекршил должноста утврдена со Законот за возила и со Правилникот за постапката за издавање и одземање овластувања за технички преглед. Случајот е проследен до обвинителството за понатамошна постапка.
Т.Д.
