Дел од пензионерите денеска ќе протестираат пред Уставниот Суд. Незадоволни се што судот поведе постапка за оценување на уставноста на линеарното покачување на пензиите. Сепак, ваквата иницијатива не е поддржана од сите пензионери. Tие велат дека ќе ја чекаат одлуката на судот, додека нема одлука, не гледаат причина да се протестира и затоа денеска нема да одат пред Уставен. Од судот пак објаснија дека двете зголемувања од по 2.500 денари воопшто нема да ги разгледуваат, а за новото линеарно се уште се собираат мислења.
-Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“, се вели во соопштението од Уставниот суд.
Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Собранието ги изгласа на крајот на јули веќе се преточија во повисоки пензии – првото линеарно зголемување пристигна со исплатата на први септември, а второто треба да биде догодина.
