Се зголемува бројот на ученици од скопското училиште Димо Хаџи Димов заболени од „норовирус“-от. Речиси сите примероци на биолошки материјал кои родители на заболените деца, дел од нив и хоспитализирани, ги испратиле во ИЈЗ покажале присуство на вирусот.
„Од добиените на биолошки материјал кои ги имаме примено во ИЈЗ од деца кои јавиле симптоми, 6 се позитивни на Норовирус. Во резултатите од мостри од храна и од работни површини од истоименото училиште, најдени се фекални бактерии во мусаката и на неколку површини од кујната и училиштето кои укажуваат на нехигиена во кујната и училиштето“ – изјави Марија Андоновска, директорката на ИЈЗ.
Анализите покажале дека водата за пиење во училиштето била исправна а во понеделник од ИЈЗ ќе ги соопштат резултатите од мострите подигнати во вонреден надзор во девет други училишта во општина Карпош.
Според микробилогот Никола Пановски, појавата на норо вирусот бара дополнителна анализи од надлежните.
„При биолошката анкета треба да се види кое дете што јадело. Дали само овие оболеа што јаделе храна или оболеле и други. Ако оболеле и други тогаш доаѓа предвид некој вирус кој може да се пренесе со нечисти раце. Меѓутоа ако е вирус. Ќе оболат но јас не знам, ќе оболат половината, да речеме во трето одделение а во деветто одделение каде што немаат контакт бидејќи се на друг спрат ќе оболи едно или две. Анкетите ќе покаже со 99 отсто сигурност за што станува збор“ – вели Др. Пановски.
Од АХВ соопштија дека училишните кујни спаѓаат во ризична категорија и затоа се предвидуваат две контроли во текот на учебната година кои веќе се направени и кои не покажале ништо нерегуларно.
Фокусот на Агенцијата ќе биде кај операторот кој е должен да води сметка на хигиената во училишната кујна.
„Сега тој објект ќе влезе во позасилена инспекциска контрола. Објектот на кујната. Операторот со храна веќе му се дава црвено знаменце каде што кажува дека веќе еднаш имало труење има уште едно. Тоа е историјат. Не може на еден ист оператор со храна да му се случува неколку пати труење и затоа се засилува инспекцискиот надзор“ – подвлече државната секретарка во АХВ, Светлана Колариќ.
Операторот и училишното раководство имаат низа обврски пред да се тргнат жолтите ленти од кујната.
„Кога сите аномалии и неправилности кои што може во иднина да допринесат за загрозување на здравјето на учениците, се додека не се отстранета кујната не може да биде отворена. Се прави повторен инспекциски надзор во кој се утврдува дали сите недостатоци се отстранети. Ние како ДЗСИ во делот на вонредно чистење дезинфекција, дезинсекција и дератизација и санитарни книшки вонредни здравствено хигиенски прегледи гледаме дали се исполнети. Доколку не се исполнети тогаш се одредува глоба“ – вели директорот на ДЗСИ, Кирил Лазов.
По налог на државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера почна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на кујната, трпезаријата и други простории во Димо Хаџи Димов и се земаат брисеви од сите вработени.
Огнен Чанчаревиќ
