Членовите на Судски совет, судиите од Врховниот суд и Здружението на судии со јавно соопштение до премиерот Мицкоски.
- Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите, се вели во соопштението.
Од Судскиот систем одговараат дека никогаш не генерирале долгови, па велaт, дека оттаму нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
- Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично, велат од судската фела.
Судски совет, судиите од Врховниот суд и Здружението на судии потсетуваат дека последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
- Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата, се вели во соопштението за јавност.
Судски совет, судиите од Врховниот суд и Здружението на судии на премиерот му порачуваат дека со неговите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат.
