Вести Најважни Свет

Обид за спас на решението за две држави

Не можеме да чекаме повеќе, затоа што ќе биде предоцна, порача францускиот претседател Емануел Макрон на конференцијата за Палестина која ја одржа пред почетокот на клучните обраќања на светските лидери на Генералното Собрание на ООН. Серијата признавања на палестинската државност која се одвиваше изминативе денови, е како резултат на западната згрозеност од продолжувањето на војната во Појасот и страдањата на цивилното население.

  • „Овде сме затоа што дојде времето. Дојде времето да се ослободат 48-те заложници држени од Хамас. Дојде времето да се запре војната, бомбардирањето во Газа, масакрите и раселувањето на популацијата. Дојде времето бидејќи итноста е насекаде. Дојде времето за мир бидејќи само моменти не делат да бидеме спречени да го зграпчиме. Затоа сме овде денеска. Некои ќе кажат предоцна, други пак прерано, но едно е сигурно, не можеме да чекаме повеќе“ – Емануел Макрон – Претседател на Франција.

Сепак, целта на вчерашната конференција во Њујорк, не беше само признавањето на палестинската државност, туку ревитализирање на решението за две држави, кое како концепт и беше напуштено од Израел и САД, двете клучни држави за мир на Блискиот Исток.

  • „Решението за две држави, кое со децении имаше глобална поддршка е во огромна опасност поради континуираното крвопролевање, гладот предизвикан од човекот, тероризмот и земањето заложници, проширувањето на населбите и насилството на доселениците“ – Ивет Купер – Министер за надворешни работи на Велика Британија.

ЕУ исто така се придружи кон бранот поддршка за решението за две држави и осудата на Израел за продолжувањето на војната. Но, нејзиното влијание е ограничено поради несогласувањата меѓу најмоќните членки како да се постапува.

  • „Благодарение на поттикот што го даде оваа конференција, државата Палестина сега ја имаат признато мнозинството членки на ЕУ. Сепак, мора јасно да гледаме кон денот потоа. Нема место за Хамас, за тероризам, нема место за нелегалните населби, нема место за убиствата на невини цивили, никаде, ниту во Газа, ниту на Западниот Брег, ниту во Источен Ерусалим, ниту во Израел“ – Антонио Кошта – Претседател на ЕС.

Турскиот претседател беше еден од ретките кои посочија дека декларативната поддршка е без значајна ако не биде проследена со конкретни постапки.

  • „Се надевам дека земјите кои имаа храброст да ја признаат државата Палестина ќе го поткрепат овој историски став со одлучни и конкретни чекори. Сега, примирје мора да биде прогласено, на хуманитарната помош мора да ѝ се дозволи влез во Газа през пречки, и Израел мора да ја повлече својата војска од Газа“ – Реџеп Таип Ердоган – Претседател на Турција.

Речиси три четвртини од 193-те членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина, но највлијателните западни држави досега се воздржуваа од тоа, инсистирајќи дека признавањето треба да дојде откако ќе се постигне договор за две држави. Клучниот сојузник на Израел, Соединетите Американски Држави кои го имаат потребното влијание да го убедат Тел Авив, засега одлучно стојат зад еврејската држава. И не само тоа, туку со враќањето на Трамп во Белата куќа, САД и официјално потврдија дека повеќе не го сметаат за остварливо.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе