Западните земји ги остварија своите најави дека ќе ја призаат палестинската државност за време на Генералното Собрание на ООН. Франција и Португалија денеска им се придружуваат на Велика Британија и Австралија.
„Одлуката што Претседателот на Републиката ќе ја објави попладнево на Генералното Собрание на ООН е одлука која е симболична, веднаш стапува на сила и политичка, а тоа ја демонстрира француската посветеност на решението за две држави… Велите дека веднаш стапува, што значи дека нема да чекаме заложниците да бидат ослободени? …но нејзината имплементација, воспоставувањето дипломатски односи ќе биде постепено и условено со одреден број елементи на терен, вклучувајќи и ослободување на заложниците.“
Токму прашањето за судбината на заложниците е во центарот на критиките од Израел и САД, особено за земјите кои се одлучија на овој директен чекор. Според нив, признавањето на палестинската државност е награда за грозоморните политики на Хамас.
„Од длабочината на нашите срца, нека запрат непријателствата, нека се дозволи можност за целосна обнова на хуманитарната помош, нека се појави зрак надеж за мир. Португалската влада симболично одбра да ја направи оваа изјава преку постојаното претставништво во ООН, токму како сигнал дека само под покровителство на ООН и нивната повелба е можно да се постигне решение на овој конфликт“, рече Пауло Рангел, министер за надворешни работи на Португалија.
Но, САД не се единствените кои решително остануваат на израелската позиција. Италија и Германија се две од европските земји кои немаат намера да ги ризикуваат своите односи со Израел поради судбината на Палестинците.
„Би сакал дипломатско решение. Постои голем гнев и омраза, го знаете тоа, и така е веќе многу години. Ова не е ништo ново, но се надеваме дека ќе постигнеме нешто“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Освен што ќе го разгневат Израел, признавањата без претходно договарање на примирје нема да имаат особено влијание врз ситуацијата во Газа. Очигледно е дека единствено Израел може да го направи тоа, но се додека Бенјамин Нетанјаху е тој што ја предводи владата во Тел Авив, добро познат противник на решението за две држави, малку е веројатно дека тоа ќе се случи.
Игор Трајков
