За време на денешната Конференција на ОН во Њујорк неколку земји планираат формално да признаат палестинска држава, што се организира пред годишниот собир на светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на конференцијата на ОН заедно со Саудиска Арабија, која започнува во 15 часот (19 часот по Гринич), за да го промовира решението за две држави.
Покрај Франција, Белгија и Нов Зеланд објавија или посочија планови за признавање на Палестина и покрај жестокото противење на Израел, пренесува ДПА.
Велика Британија, Канада и Австралија овој чекор го направија вчера, станувајќи првите големи западни економии што ја признаа палестинската државност. На денешната конференција исто така свои говори ќе имаат и британскиот премиер Кир Стармер и канадскиот премиер Марк Карни, најавува германската агенција.
