Министерството за одбрана измерило, но никој од надлежните не кажува какво и колкаво е загадување на воздухот по вчерашната еколошка катастрофа во Трубарево, односно што дишат граѓаните на Трубарево, околните села, но и Скопје кое е на само неколку километри воздушна линија оддалачено од епицентарот на катастрофата.
Од Јавното обвинителство кое отвори истрага за пожарот велат дека ги добиле мерањата извршени од Армијата со специјални инструменти за детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички, но оти тие не биле со вредносни показатели, туку со индекс на контаминација. Она што надлежните со сигурност го кажуваат е дека нема радиокативно зрачење од пожарот.
Единствениот одговор кој денеска можеше да се добие за тоа што покажале првичните мерањата на АРМ го даде директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
Апаратите на Армијата се сепак апарати кои што мерат во реално време и нивните вредности се повеќе за да добиеме прва перцепција, но не се за занемарување, рече Стојанче Ангелов, директор на Дирекција за заштита и спасување.
На прашањето каква била таа прва перцепција, Ангелов одговори: „Лоша“.
Од Инспекторатот за животна средина веќе се земени мостри од воздухот од местото на катастрофата од акредитирана лабораторија „Еуромак контрол“, од каде резултатите најрано ќе бидат готови утре. Дополнително како што информираше директорката на Инспекторатот, Ивана Гиновска, ќе се проверува контаминациијата и на подземните води.
Дадовме препораки до Институт за јавно здравје да се испитаат бунарите бидејќи се гасело со вода. Подземните води дали имаат некои токсични материи навлезено таму. Дадовме насоки до нашето Министерство за животна средина доколку е потребно да се ограничи и обезбеди просторот за да не влегуваат, имаме секакви радознали луѓе, не знаеме прашината долу што содржи, рече Гиновска.
Препорака е дадена и за основното училиште во Трубарево за да не се пуштаат децата надвор, но од Министерстовото за здравство најавија мерка дека учениците на три или четири училишта кои се наоѓаат во близина каде настана пожарот една недела ќе се префрлат на он-лајн настава, без физичко присуство. Надлежните не можат точно да кажат кога животот во Трубарево и неговата околина ќе се врати во нормала по вчерашната катастрофа.
Оваа хаварија, до сега вакво нешто се нема случено кај нас, ни во соседните држави, а вакви хварии очигледно се последица на сето она што ни се случуваше претходните 35 години. Подоцна откако ќе заврши се, откако ќе се изгасен пожарот целосно, ќе се влезе таму, ќе се земат мостри од почвата за да видиме што впила почвата таму и секако дека ќе ангажираме вешти лица за да видиме какво било влијанието на овој пожар врз медиумите на животната средина, рече Гиновска.
Во меѓувреме во Трубарево ќе се постават две статични мерни станици кои во идните пет до седум дена, од час во час, ќе го мерат квалитетот на воздухот.
Од Владата денеска информираа дека ниту еден жител на Трубарево синоќа и денеска не побарал да биде евакуиран во Центарот за обука.
Инаку денеска за првпат, по пожарот во депониите Вардариште, во Дрисла и вчерашното во магацинот за електронски отпад во Турбарево, во јавност се појави министерот за животна средина, Изет Меџити, кој вчера додека гореше во Трубарево водеше предизборна кампања за градоначалник на Општина Чаир.
Меџити на прес-конференцијата во владата рече дека не се чуствува одговорен за тоа што додека гореше на сите страни и граѓаните дишеа отрови, тој како министер за животна средина ниту еднаш не и се обрати на јавноста.
Министерството за животна средина цело време е во тек, а тоа што не сум била на седница и на прес конференција, не сум дел од тоа, таму се други министерства, но цело време сме била на линија за ситуцијава, рече Меѓити.
Меџити на поконкретните прашања околу пожарот во магацинот во Трубарево, за дозволата за работа, контролите во копанијата, дали ги исполнувала стандардите, но и какви се последиците ќе има од вчерашната катастрофа, одговараше кратко:
Значи подетално тука е директорката за животна средина… За деталите директорката, рече Меџити.
Тамара Грнчароска
