Дополнителна тешка механизација од утрово е вклучена во гаснењето односно задушувањето на пожарот во депонијата Дрисла но и понатаму силен чад се издига на просторот каде што тлее токсичен отпад. Дали пожарот е подметнат и кој го сторил тоа надлежните немаат одговор исто како на прашањето колку е токсичен и опасен белиот чад од Дрисла кој утрово зави дел од градот.
Од вчера во Дрисла се испратени багери кои со земја го затрупуваат делот под кој тлее токсичен отпад и ослободува силен чад но засега од надлежните нема најави за очекувањата кога чадот ќе биде задушен. Денес пак во депонијата е донесена дополнителна механизација и има најава дека утре ќе се зголеми бројот на багери кои ќе работат на затрупување. Проблем е и пристапот кон локацијата поради огромната количина на токсична вода во непосредна близина па затоа се пробиваат две алтернативни рути.
Во Дрисла денес покрај пожарникарите, тимовите на ДЗС и вработените, присутни беа и припадниците на крим полицијата кои повторно проверуваат дали некој вчера се обидел повторно да подметне пожар во депонијата. Од она што може да се види на терен, депонијата не е оградена, не е обезбедена, нема физичко патролно обезбедување ниту пак видео надзор а станува збор за површина од над 80 хектари. Според инфромациите на „Телма“ околу депонијата ќе се распоред полициски сили а во воздухот ќе оперира дрон.
Од надлежното министерство за животна средина нема информација за количината на токсични материи кои се испуштени во воздухот, а утрово биле подигнати примероци на земја за да се види дали и колку токсични супстанци продреле во почвата поради лошото складирање на отпадот и поради обидот пожарот да се гаси со вода што е спротивно на протоколите во случај на хаварија и со тоа кој е ризикот од ширење преку подземните води до околните населени места.
Ангелов соопшти дека на дивата депонија Вардариште целосно е затрупан делот по кој гореше отпад и дека нема повеќе чад, кој со денови ги труеше жителите на главниот град.
Огнен Чанчаревиќ
