Вести Македонија Најважни

Тешка механизација го затрупува жариштето на пожарот во Дрисла – складирањето на отпадот не било според прописите

Со неколку багери и со дотур на земја со камиони се затрупува жариштето на пожарот кој избувна во депонијата „Дрисла“, но се уште се издига силен чад кој само поради правецот на ветрот не го носи кон Скопје. Од пладне „ер трактор“ кој се полни со специјална хемиска пена почна да дејствува врз делот кој чади во Дрисла.

  • „Имаме горење. Всушност горење не може да се види, има силно чадење. И претходно имам кажано, депониите тешко се гасат со вода, односно невозможно е да се изгасат само со вода бидејќи длабоко во депониите се одвиваат хемиски биолошки процеси кои предизвикуваат појава на запаливи гасови. Во текот на вчерашниот ден и денес работата два багери и еден булдожер кои се дополнително испратени и два камиони со кои се носи земја која се истура на врвот на депонијата и потоа се турка кон изгореното“, вели Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Надлежните забележуваат дека имало несоодветно складирање на отпадот поради кое има големи количини на вода длабока и до еден и пол метар и полна со токсини за која не се знае колку време се таму.

  • „За да се дојде до местото на горење треба да се помине низ еден простор кој можеби е педесетина можеби и стотина метри каде има отпадни води од самата депонија длабоки околу еден и пол метар по кажување на стручните лица во депонијата. Зборуваме за долгогодишна би рекол негрижа и лошо менаџирање со отпадот“, додаде Ангелов.

Според протоколите за справување со хаварија, кои се неопходни за Дрисла да добие А интегрирана дозвола, во случај на ваков пожар не се гаси со вода туку веднаш се почнува со затрупување што не е направено.

Се уште не се земени примероци од почвата за да се утврди дали и колку токсични материи понирале  во неа и колкава е опасноста преку подземни води тие да се прошират кон околните населени места и со тоа да ги загадат и водите и почвите.

Од државниот инспекторат за животна средина соопштија дека  по завршувањето на полицискиот увид ќе испратат тим со претставници на акредитирана лабораторија.

  • ДИЖС: „Откако ќе заврши полицискиот увид ќе може да пристапи екипа од акредитирана лабораторија за земање мостри од почва. Станува збор за „Еуромак контрол“. Во координација сме и со  институт за јавно здравје за да ни дадат информации кои параметри тие ги испитуваат. Инспекторите не зимаат мостри тоа ќе го направи акредитирана лабoраторија по наше барање“

Чадот кој речиси сите жители во Скопје го чувствуваа изминатите два дена се појави и на мерните станици на министерството за екологија. Вчера вечер во 10 часот во речиси сите мерни станици покажаа зголемена концентрација на ПМ 10 честички како последица на чадот од Дрисла. Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека анализите покажале дека загадувањето на воздухот не ги надминало границите на опасно или штетно но сепак  препорача да се избегнува престој на отворено, но тоа како мерка засега не е донесена

  • „Ве уверувам дека досега мирисот знаеме дека се чувствува и е непријатен, но како и да е воздухот во моментот не е на ниво на загаденост кое што предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Сепак препорачувам граѓаните да не се движат надвор на отворен простор ако тоа не е неопходно“, рече Алиу.

Колкаво било загадувањето на воздухот во реонот околу Дрисла треба да покаже мерната станица поставена во близина на депонијата а податоците веќе се подигнати од државниот инспекторат.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе