Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и двајца онколози, обвинети за несовесно лекување на пациенти.
Сведочеше Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска, која опиша сериозни пропусти во третманот на нејзината ќерка, вклучувајќи давање имунотерапија без соодветни испитувања и игнорирање на симптоми кои укажувале на влошена здравствена состојба.
Според сведочењето, терапијата довела до оштетување на црниот дроб и појава на т.н. „вештачки метастази“.
Мајката тврдеше дека, иако на почетокот имала доверба во лекарите, особено во Васев, со текот на времето сфатила дека избегнува одговорност и не реагирал на предупредувањата.
Таа посочи дека ќерка ѝ не починала од рак, туку од погрешна и несоодветна терапија, и најави дека ќе бара материјална оштета која ќе ја донира, а се приклучува и на кривичниот прогон.
Второобвинетата Мери Пешевска ја призна вината, додека Васев и другите двајца обвинети негираат вина и тврдат дека случајот е политички мотивиран.
Обвинението ги товари лекарите за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“ кај 29 пациенти.
Покрај тоа, против Васев и поранешниот економски директор се води и одделен предмет за злоупотреба на службена положба и проневера на над 2,2 милијарди денари.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
