„8 Септември“ ги обедини власта и опозицијата кои за роденденот на државата испратија , речиси идентична порака дека многу работи во државата не се добри и треба да се менуваат – од стандардот на граѓаните, преку иселувањето на младите, владеењето на политчките и бизнис елити, европската интеграција на земјата. Но премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се разидоа во лоцирањето на виновникот зошто системот не функционира како што треба.
Мицкоски кој се обрати на свечената акадамија по повод празникот откако потсети на патот на Македонија до независноста пред 34 години, зборуваше за едно големо потфрлање кое државата го има во периодот потоа, а тоа е разочараност од ситемот.
„Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиките, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите, а беа истовремено дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата. И затоа е впечатокот дека тие кои нечесно заработуваат, не одговараат и не лежат во затвор. Ова мора да се смени, порача премиерот Мицкоски“.
Мицкоски притоа вети неселективна правда, економски успеси, но не ги заобиколи ни дневно политичките теми, како што е нелегалното прислушување и злоупотреба на системот, велејќи дека тоа е дело на една иста структура блиска до некоја мината власт која оперира со системот и удира по основите на демократијат и уставниот поредок.
И Филипче во празничната порака како лидер на најголемата опозициска партија порача дека државата не е ничија сопственост – ниту на партиите, ниту на владата, туку на граѓаните и слично како и премиерот и тој во корупцијата, неправдата, дискриминацијата, сиромаштијата ги гледа клучните закани за државата, но виновникот за тоа го лоцираше на друго место.
„За жал, изминатата година, работите не одат во добра насока. Државата се повеќе станува своина на малкумина, а се помалку на граѓаните. Државата е под закана од напуштање на деценискиот сон за интеграција, од масовно иселување и економско девастирање. Сакам да и порачам на власта – ова е земја на сите, за сите. Не е само ваша. Повикувам на политичко и државничко освестување. Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии и да не преземаш ништо за тоа“, порача Филипче.
Власта и опозицијата, освен за тоа кој е виновен за тоа кој му штети на системот и државата се разидоа и во поглед на чекорот во правец на евроинтгерациите. Според Филипче државата е на чекор од Европа, чекор кој државата мора го направи сама, додека Мицкоски порача дека додека тој е премиер нема да се разговара за безусловно прифаќање на се што е ставено на маса пред земјата за членство во ЕУ.
Честитка по повод Денот на независноста на државата упатија и политичките партии од албанскиот политички блок, но нивниот фокус во честитката, освен одлуката за независност пред 34 години, го ставија на Охридскиот рамковен договор и позицијата на Албанците во државата.
Па така од Вреди, помалиот коалициски партнер во власта, со порака дека современата историја на државата не може да се разбере без да се спомене и Рамковниот договор.
„Охридскиот договор кој ѝ даде на државата димензија на еднаквост и ја направи заеднички дом за сите граѓани. Независноста и еднаквоста се двата столба врз кои се гради нашата заедничка иднина“, стои во честиката на Вреди.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на фејсзбук по повод празникот на државата пак потсети на патот кој го изоделе Албанците во државата до Охридскиот договор, како гарант на соживот и еднаквост, но со предупредување дека денес некој ги поткопува тие придобивки со воење антиалбанска кампања.
„Моменталните партиски придобивки со антиалбанска кампања претставуваат неуспех за заедничката држава. Партијата добива, државата губи! Почитувани Македонци, никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава, не и се заканува од еднаквоста со Албанците“, напиша Ахмети на фејсбук.
Ахмети притоа испрати порака дека Албанците сакаат унитарна држава интегрирана во НАТО и ЕУ и оти се друго што се слуша од македонската политичка елита, како што напиша Ахмети, е невистина.
Инаку на одбележување на 8 Септември, роденденот на Македонија, цвеќе беше положено на гробовите на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, на претседателот Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во 2004 година, на гробот на првиот претседател на владата на независна Македонија, Никола Кљусев.
Во програмата на владата за полагање на цвеќе не се најдоа и вечните почивалиште на првиот претседател на Собранието по независноата на државата, Стојан Андов, ниту на Љупчо Јордановски и Љубиша Георгиевски.
Тамара Грнчароска
