Вести Македонија Најважни

Осум пријави за неоправдани операции на срце

Први пријави за неоправдани операции на срце. Во рацете на интерната стручна комисија завршија осум медицински досиеја. Зад сомнежите не стојат пациенти, туку јавна здравствена  установа, потенцираше министерот Алиу.

Не сакаше да го открие нејзиното име, ниту пак кажа на чија адреса ќе затропаат експертите од Лекарската комора, повикани да извршат вонреден надзор. На прашањето дали зад пријавите стои и кардиологот Кедев, по чии обвинувања почна истрагата за сомнителни опрации заради профит, министерот Алиу потенцираше дека досиејата доаѓаат од здравствена установа, а не од поединец.

„Доставени се 8 досиеја, комисијата ќе ги обработи сите детално со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти, утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите по кои ќе биде постапено. Воедно МЗ побара вонреден стручен надзор од Лекарската комора, којшто ќе биде во тек во наредните денови. Граѓаните сакаат и треба да бидат сигурни дека кога бараат здравствена услуга ја добиваат врз основа на реална потреба и медицински докази, а не врз основа на паушални оценки или коруптивни мотиви“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Во меѓувреме МИА објави дел од документот со пријавите за сомнителни операции, адресиран до Министерството и до Фондот за здравство. Потпишан е од 16 лекари од Кардиологија и од Кардиохирургија, а на чело на оваа листа е кардиологот Кедев. Во документот потенцираат дека се подготвени во кое било време да ги презентираат медицинските досиеја.

Сега на потег се интерната комисија и Лекарската комора, првите ќе ги анализираат пријавите, а вторите ќе почнат вонреден надзор. Тоа што ќе го сработат ќе треба да помине и низ рацете на тро-члениот тим странски кардиолози, чии имиња се уште не се откриваат. Од нив, министерството очекува независна анализа.

„Постапката е при крај, дозволете да се заврши административниот дел, потпишување на договорите за да може јавно да ги кажеме имињата. Се работи за светски признати имиња од Словенија, Италија и Австрија“, кажа министерот Алиу.

И додека трае здравствената истрага за сомнежите за неоправдани операции со единствена цел профит, се отвори и прашањето зошто е намален бројот на интервенции на државната кардиохирургија. Проблем  е недостигот на кадар, констатираше министерот Алиу.

Кажа дека се иницира билатерален договор со Словенија и најави меморандум за соработка меѓу двете земји.

Весна Јовановска Дојчиновска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе