Вести Македонија Најважни

За пет години четири илјади првачиња помалку во училишните клупи

Први септември, традиционално е ден кој им носи радост на многумина во Македонија бидејќи првачињата седнуваат во училишните клупи а полуматурантите го отвораат новото поглавје во својот живот.

Но што велат бројките?

Годинава, според официјалните податоци на МОН, во прво одделение се запишаа 17.250 ученици што е убедливо најмала бројка во историјата на Македонија. Само за една година во училишните клупи во државата останале со 1.309 празни столчиња.

Ако се анализираат само последните седум учебни години, според податоците на МОН, трендот е опаѓачки и ако се споредат учебната 2020/2021 со оваа учебна година има загрижувачки 4.200 првачиња помалку.

Самиот факт што за пет години имаме 4.200 помалку деца запишани во прво одделение или околу 200 паралелки помалку повлекува креирање на нови политики и одлуки на надлежните како затварање на подрачните училишта и спојување на школи поради отсуството на ученици.

Ако бројките за упис во средните училишта во последните неколку години има благ тренд на зголемување но покажуваат сериозен степен на иселување. Ако во учебната 2019/2020 година во средните училишта се запишале 19.094 ученици, две години подоцна таа бројка паѓа на 15.916 ученици за годинава да се биде 17.232 ученици.

Бројките за оваа година треба да се земат со мала доза на резерва бидејќи сеуште траат уписите и во основите и во средните училишта но поголеми промени нема да има бидејќи станува збор за вкупно неколку стотини евентуално нови ученици.

На Македонија и се заканува демографски колапс а за тоа сведочат бројките на статистика кои покажуваат дека од 2010 до 2024 година, бројот на живородени деца во Македонија се намалил од 24.296 на 16.061 што е пад од 8.200 деца или 33.8% .

Иселувањето може да се гледа и преку споредувањето на живородените деца со првачињата. Ако во 2019 година во Македонија се родиле 19.845 деца оваа година во училиште тргнале 17.250 односно 2.600 деца помалку бидејќи со нивните семејства ја напуштиле државата.

Проекциите на статистика се повеќе од загрижувачки а бројките велат дека ако продолжи овој тренд и не се измени ништо до 2035 година населението во Македонија ќе брои 1.531.757 жители а во 2055 година бројката ќе падне на 1.303.575 жители.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе населени места во Скопје останаа без вода откако пукнала голема цевка кај поранешната фабрика ОХИС

Tea Dimkovska

Папата Лав XIV: Војната носи смрт, дипломатијата е единствен пат до мирот

Tea Dimkovska

Младенците Мартина и Александар ја крунисаа љубовта на овогодинешната Галичка свадба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе