Во пресрет на изборите и покрај тоа што се уште официјално не е започната кампањата сведочиме на се поголема застапеност на политичарите на социјалните мрежи.
За комуникологот Кордалов во дадениов момент не можеме со сигурност да кажеме дека социјалните мрежи се апсолуно неконтролиран простор, туку пред се се уште неоткриен простор за политичкита партии и клучниот проблем е каква порака пласираат политичарите на нив.
„Повторно ќе потенцирам проблемот е што се пласира дали се таргертира вистинската публика или прават само луѓето да ги стискаат оние X и да не сакаат да го видат тоа повеќе итн. Едноставно ако веќе влегувате во кампања и трошите народни пари, бидејќи денес партиите трошат народни пари тогаш должите една професионалност во пристапот и во настапот. Тоа значи дека сите пораки кои што ги праќате иако сте политички партии, сепак претендирате да освоите власт, значи треба да сте одговорни да кажете што ќе направите, што е вашата визија, програма и треба да вклучувате луѓе преку социјалните медиуми и треба да одговарате на прашања и дилеми“ објаснува Бојан Кордалов, комуниколог.
Во однос на наративот на кандидатите за градоначалници во оваа предкампања, се чини дека повеќе зборуваат за општествени прашања, за уставни измени, за одредени државни прашања, но многу помалку за локалните за кои всушност и се кандидираат.
„Апсолутно има кандидати за градоначалници кои наметнуваат наративи за повисоки национални теми кои се надвор од нивниот домет на законски утврдените надлежности како треба да водат една локална самоуправа. Но тоа е за жал политиката на 35 годишната македонска политичка култура каде што ниту кандидатите за функционери, ниту пак гражаните гласачи не прават диференцијација меѓу едни парламетарни, локални и претседателски избори, така што се обраќаат на лекторатот, а и самиот електорат мора да знае кој кандидат за градоначалник нуди решение согласно неговите законски надлежности“ изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.
-Дали можеме да говориме за култивирана комуникација дури и кога имаме спротивставени ставови?
„Апсолутно не. Во Македонија концептот на комуникација помеѓу партиите е фронтален и нападен. Но во моментот кога излегува кандидатот, кандидатката и гледа во камерата и не Ве гледа Вас како медиум, туку гледа противник едноставно станува збор за борба која ја нема ниту во спортот, затоа што во спортот има фер правила и има почит кон противникот. Затоа луѓето се повлекуваат децении наназад и ја има недовербата во институциите, затоа апатијата постои одвреме ќе има изблици на гласање и повторно во апатија. Партиите не ја научија лекцијата, но во овие избори ќе мора да ја научат“ рече Бојан Кордалов, комуниколог.
-Дали можеме да говориме за примери на црна кампања иако е се уште рано ?
„Да, да, апсолутно. Можеме да говориме за црна, најцрна кампања и која што за жал ќе се развива токму од оние причини што е веќе евидентно овие избори ќе бидат своевидни историски и самите партии ги најавуваат веќе како такви. Коалициски, партиски, не само „живот или смрт“ , туку буквално катаклизма или не. Дали ќе остане една партија или ќе дојде друга. Во таква средина не може да се очекува ништо освен растечка црна кампања , а јас сум должен како и неколку избори наназад да им посочам дека кој ќе ја води поцрната кампања тој поцрно ќе ги изгуби изборите“ изјави Бојан Кордалов, комуниколог.
Според Кордалов политичките партии мора да бидат свесни дека во меѓувреме граѓаните созреале многу повеќе и дека е сосема нормално нивните критериуми да бидат на многу повисоко ниво.
Нина Стефанова
