Вести Најважни Свет

Кит Келог пристигна во Киев – нов состанок во Париз за Украина

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог утринава пристигна во Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски. На железничката станица во Киев тој изрази уверување дека војната можеби немало ни да почне, доколку Трамп останел претседател на САД. Истакна дека за постигнување мир се потребни безбедносни гаранции.

„Со секретарот Рубио и остатокот од тимот сакаме да се осигураме дека го правиме она што е правилно. Оваа војна трае веќе три години. Претседателот Трамп е во право. Јас навистина верувам дека оваа војна немаше да започне, ако (Трамп) сè уште беше претседател. Тој разбира дека луѓето страдаат. Тој ја разбира штетата што ја гледаме и сакаме да видиме дека ќе заврши“, изјави Кит Келог, специјален пратеник на САД за Украина.

По критиките од Зеленски дека нема да прифати некакви преговори зад грб, американскиот претседател Доналд Трамп возврати дека доколку тој бил претседател кога избила војната, ќе се погрижел Украина да добие се што сака. Сега вели е сè посигурен во мировниот договор по разговорите во Саудиска Арабија на кои присуствуваше и американскиот државен секретар Марко Рубио. Американскиот претседател, исто така, рече дека нема да се спротивстави на стационирање на европски мировни сили во Украина, како дел од мировниот договор со Русија.

Трамп најави дека со Путин ќе се сретне пред крајот на месецов. А на состанокот на руската влада Путин, пак, најави дека ќе бидат исплатени пакети финансиска помош за жителите на Курск, кои настрадаа во украинскиот упад и тоа по околу 700 долари на месец.

„Да го направиме следново: како што предложивте, за периодот до целосно ослободување на територијата на регионот Курск од украинските формации, на сите луѓе кои го изгубиле својот имот, жителите на регионот, ќе им плаќаме во просек по 65.000 рубли месечно. И барам такви средства да се најдат од федералниот буџет и да се обезбедат потребните исплати“, најави Владимир Путин, претседател на Русија.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска организира нов состанок во Париз за Украина, на кој ќе учествуваат претставници од неколку европски и неевропски држави, вклучувајќи Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, Чешка, балтичките земји, Норвешка и Канада. Макрон изрази подготвеност за разговори со рускиот претседател Владимир Путин кога ќе биде соодветно време за преговори. Тој истакна дека Европа во моментов не е способна да ја обезбеди својата одбрана без САД, а исто така не е подготвен да испрати копнени сили на украинскиот фронт. Како можност за безбедносни гаранции за Украина, Макрон предложи испраќање воени експерти или ограничени сили. Франција и Велика Британија разгледуваат и договор за солидарност со Украина.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од 3.000 лиценци, прегледавме 2.810 и одземени се 427 – вицепремиерот Николоски за состојбата во градежништвото

Дејан Дејан

Почина Светлана Броз, внуката на Јосип Броз Тито

Дејан Дејан

Тројца убиени, 14 повредени – масовно пукање во САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе