Илјадници граѓани и студенти ги преполнија улиците на Нови Сад под мотото „Три месеци – три моста“. Блокадите вчера на три часа беа оддржани на Жежељовиот и Варадинскиот мост. А главната блокада продолжи на Мостот на слободата кој од вчера е блокиран на 24 часа. Три месеци од падот на настрешницата на железничката станица кој усмрти 15 лица предизвика лавина на револт на студентите и граѓаните кои од ден во ден добиваат се поголема поддршка.
Студентите се организираа со вечерна програма во текот ноќта. Подготовка на топли оброци и пијалаци, до организирани музички настапи, емитување на филмови, играње на друштвени и игри, па се до поставување на шатори за преспивање во Лиманскиот парк каде ја поминаа ноќта.
Многу професори излегоа и им дадоа поддршка на студентите со порака да не се откажуваат од зацртаното.
„Ги поддржувам на секој протест за почеток, следно професор сум знам точно што им се случува, што прават. Ги подржувам во целост и не можам да верувам колку се организирани, зрели, добри и неверојатни едноставно. Мислам дека ова, ако досега не сме успеале, ако ние сме се откажале дека тие ова ќе го решат сигурно“ изјави Јелена Ѓорѓевиќ, професор на Универзитетот во Нови Сад.
Ниските температури не ги спречија студентите кои обединети го дочекаа утрото во вреќи за спиење.
- „Дојдов да ги поддржам своите колеги и навистина беше студена ноќ. И покрај тоа што беше два степени, мислам, и исто така огромната влага, навистина во нашиот шатор во кој бевме беше се мокро. Кога легнавме, и кога ќе станам веднаш е мокро пак, така што еве“ изјави Југ Маслоровиќ, студент од Белград.
- „Единствениот начин ова да се заврши е онака како што ние ќе кажеме односно условите и барањата бидат исполнети и очекувам дека така ќе биде“ изјави Луција Маслаковиќ, студентка од Белград.
Медиумскиот тим на студентите во текот на целата блокада известуваа од час во час, и информациите ги пренесуваа на нивните официјални страни. Во утринските часови одржаа и утринска програма седнати пред тракторите поставени од фармерите кои ги блокираа улиците и ги поддржаа студентите.
Денес во 11 часот и 52 минути се одржа молк во чест на 15 загинатите кои во тоа време ги загубија своите животи на први ноември минатата година. Студентите во Србија добија поддршка и од познатата поп-пејачка Мадона која на својата социјална мрежа „Инстаграм“ ги поддржа студентите.
Вчера претседателот Вучиќ направи обиколка на неколку српски села каде што се сретна со своите поддржувачи. Тој ги обвини студентите и другите демонстранти дека работат за странски разузнавачки служби за да го соборат од власт.
Протестите се очекува да продолжат, бидејќи како што наведуваат студентите условите се уште не се исполнети.
Теа Димковска
