Пожарите кои пустошат во областа на Лос Анџелес оставија пепел и урнатини зад себе. Oколу 10.000 објекти се уништени, а според официјалната статистика во стихија до сега загинале над 11 лица.
Снимките од терен наликуваат како областа да е погодена од атомска бомба. Жариштата се проширија на огромна територија која се споредува со големината на територијата на Сан Франциско.
Во тек се масовни евакуации додека противпожарните служби се борат да воспостават контрола на терен. Раселените се сместуваат во специјални центри за евакуација.
– Огнот се спушташе во огнена топка. Не стигна до мојата куќа. Но, потоа се разбудив и видов дека доаѓа, па морав да почнам да се евакуирам и да ги грабнам моите кучиња. Немав доволно вода, немаше вода, а мојата куќа изгоре до темел, изјави Џим Мејфилд, евакуиран жител.
– Намирисав чад. Се разбира, спиев, а кучето ме предупреди дека има некаков проблем. И кога погледнав надвор, жар леташе низ мојот двор. Целото мое маало го нема. Беше прекрасно, уникатно место, раскажува Шејла Краецл, евакуиран жител.
Стефани Портер, волонтер која неуморно им помага на раселените, раскажува за очајот што го видела во лицата на луѓето и за жртвите што ги дава за да им помогне на погодените.
– Многу е тешко. Да. Мислам, поминуваш и го гледаш очајот на лицата на луѓето, не знаејќи кој е нивниот следен чекор, не знаејќи дали нивната куќа сè уште стои. Оние кои знаат дека нивната куќа повеќе не е таму, не знаат што да прават. Морав да одвојам неколку моменти за да се склопчам и да заплачам, а потоа се враќаш да служиш, вели Портер.
Голготата која ја поминал во својата најтешка трка, трката за живот, ја раскажа и американскиот олимпиец во пливање Гери Хол. Тој вели дека во критичните моменти морал да бира меѓу спасување на своето куче или да ги спаси медалите добиени од неговите досегашни достигнувања во кариерата.
Тој опиша како училиштето во кое предавал пливање било уништено и изрази сомнеж дека веројатно никогаш повеќе нема да ги види некои од неговите млади ученици.
– Тоа беше егзодус. Видов облак чад што се удвои во широчината, за една минута, на врвот на ридот на кој живеам. Живеам на улица наречена Локман Лејн, и видов дека куќите почнаа да се палуваат и знаев дека е време да заминам. Го отворив задниот дел од мојот теренец и почнав да го товарам. По моето прво излегување, почнав да чувствувам како жарот паѓа врз мене. Не се задржував за да дознаам колку време имав пред мојата куќа да биде зафатена. Го грабнав кучето и инсулинот. Имам дијабетес тип еден и ми треба тоа за да живеам и скокнав во автомобилот и го напуштив мојот дом, олимписките медали и се што има сентиментална вредност, раскажува Хол.
Јужна Калифорнија се соочува со огромен предизвик за надминување на катастрофата, а потоа и обнова на опустошените области.
Пожарите кои започнаа во вторникот, беа поттикнати од налетите на ветровите на Санта Ана, кои ослабнаа во четвртокот, иако синоптичарите предупредуваат дека може повторно да се вратат во текот на викендов.
Александар Петрески